Австралиските медиуми продолжуваат опширно да известуваат за Милена Богојевска, 51-годишната жена осудена на осум години затвор за смртта на нејзината 85-годишна соседка Лолин Вајтхенд во Мелбурн. Но, еден ден по изрекувањето на казната, во тамошните извештаи во прв план веќе не е само бројката од осум години, туку отсуството на каење, однесувањето на Богојевска по смртта и драматичната сцена со семејството на жртвата во судницата.
ABC News оди најдиректно. Во насловот ја издвојува пораката на семејството до Богојевска да „гори во пеколот“, а во текстот ја опишува како жена која не покажала каење за смртта на својата соседка.
На крајот од рочиштето, ќерката на Вајтхенд ѝ се обратила на Богојевска со зборовите „да гориш во пеколот“. Од обвинителната клупа стигнал краток одговор: „И ти“.
Токму оваа сцена стана еден од највпечатливите моменти во австралиското известување за пресудата.
Судијката Џасинта Форбс при изрекувањето на казната посочила дека Богојевска не покажала каење и не дала објаснување зошто ја нападнала 85-годишната жена. Нејзините постапки судијката ги оценила како необјаснети и тешко разбирливи, додека последиците за семејството и соседите на Вајтхенд биле огромни.
Nine, пак, оди со уште понагласен насло – „Шок и солзи“ при изрекувањето на казната за „пресметаната“ соседка. Во фокусот повторно се последиците по нападот: пренесувањето на телото до реката Марибирнонг, користењето на парите и банкарските картички на починатата жена и однесувањето на Богојевска во деновите пред нејзиното апсење.
Herald Sun ја нагласува суровоста на случајот и недостигот од каење, но и елементот што во Австралија предизвикува дополнителни реакции, можноста Богојевска, поради времето што веќе го поминала во притвор, да се најде на условен отпуст уште во 2030 година.
Таа доби казна од осум години затвор и нема право да бара условен отпуст во првите шест години. Во пресметката се вклучени и 755 дена кои веќе ги поминала во притвор.
Австралиските медиуми повторно ги реконструираат и часовите по смртта на Вајтхенд.
Според доказите изнесени пред Врховниот суд на Викторија, 85-годишната жена била видена како влегува во домот на Богојевска, кој се наоѓал само неколку куќи подалеку од нејзиниот. Таму била нападната, а во устата ѝ била ставена кујнска крпа која ѝ го блокирала дишниот пат.
Истата вечер Богојевска го ставила телото во автомобил и го однела до реката Марибирнонг, каде го фрлила во водата. Два дена подоцна го пронашол рибар.
По смртта на Вајтхенд, Богојевска влегла во нејзиниот дом и зела пари, накит, документи и банкарски картички. Австралиските медиуми особено го нагласуваат фактот дека потоа започнала да ги троши парите на починатата жена.
Биле купувани чевли, електроника, ваучери, лотариски тикети и други производи. Вкупната потрошувачка со картичката се движела околу 4.000 австралиски долари. Дел од онлајн нарачките, според претходното судско рочиште, пристигнувале во домот на Богојевска додека полицијата веќе ја истражувала смртта.
7NEWS уште при претходното судско рочиште ја градеше приказната токму околу оваа контрадикција, нема јасно утврден мотив за нападот, нема покажано каење, но по смртта следувало прикривање на телото и трошење на парите на жртвата.
Богојевска првично била обвинета за murder, но обвинителството подоцна ја прифатило нејзината изјава за вина за полесното кривично дело manslaughter.
Тоа е и еден од најчувствителните аспекти на случајот во Австралија.
Соседите на Вајтхенд уште во јуни јавно се спротивставија на таквиот исход, оценувајќи дека случајот не требало да заврши со manslaughter. Вајтхенд била опишувана како „баба на целото соседство“, жена која била подготвена да им помогне на сите околу себе.
Обвинителството, сепак, во судот прифатило дека не може да тврди оти Богојевска имала намера да ја убие Вајтхенд, што е суштинска разлика меѓу обвинението за murder и делото за кое на крајот се изјаснила за виновна.
Одбраната како олеснителни околности ги истакнала тешкото детство на Богојевска, насилните партнерски врски од минатото и сериозната здравствена состојба. Таа има проблеми со бубрезите, оди на дијализа трипати неделно и, според информациите изнесени пред судот, има потреба од трансплантација.
И покрај тоа, главниот тон во австралиското известување останува врзан за две работи а тоа е ранливоста на 85-годишната жртва и однесувањето на Богојевска по нејзината смрт.
Забележливо е и дека водечките австралиски медиуми не го ставаат етничкото или националното потекло на Богојевска во центарот на приказната. Во нивните извештаи таа најчесто е претставена како жена од Мелбурн, жителка на Вест Футскреј и соседка на Вајтхенд.
Приказната во Австралија, наместо тоа, се движи околу прашањето како напад без докажана намера за убиство завршил со смрт на 85-годишна жена, фрлање на нејзиното тело во река, трошење на нејзините пари и казна по која Богојевска најрано би можела да побара условен отпуст во јули 2030 година.
