ПСЖ му ја затвори вратата, па потпиша со шампионот на Лига Европа

Од пропаднат трансфер кај европскиот првак до нова шанса во Премиер лигата. Јапонскиот репрезентативен голман Зион Сузуки стана нов играч на Астон Вила, само неколку дена откако неговиот трансфер во Пари Сен Жермен пропадна во последен момент. Наместо во Париз, 23 годишниот чувар на мрежата заврши кај актуелниот освојувач на Лига Европа.

Сузуки во Астон Вила пристигнува од Парма, каде во изминатите две сезони се наметна како прв голман и собра 59 настапи. Италијанскиот клуб официјално го потврди неговото заминување во Бирмингем на 19 август.

Но трансферот можеше да има сосема поинаков крај.

Според „Л’Екип“, ПСЖ претходно постигнал договор со Парма вреден околу 35 милиони евра, но преговорите пропаднале откако агентите на Сузуки во завршната фаза побарале повисока провизија. Францускиот клуб, кој втора сезона по ред е европски првак, потоа се повлекол од зделката.

Астон Вила ја искористила ситуацијата и брзо го обезбедила потписот на јапонскиот репрезентативец. Според француските и италијанските медиуми, трансферот е вреден околу 30 милиони евра, со дополнителни бонуси кои можат да ја зголемат сумата.

За Сузуки ова е голем чекор во кариерата. Тој претходно бранеше за Урава Ред Дајмондс во Јапонија, Сент Труиден во Белгија и Парма во Италија, а сега ќе добие можност да се докаже во Премиер лигата.

Неговото доаѓање е интересно и поради неизвесната иднина на Емилијано Мартинез. Аргентинскиот голман подолго време се поврзува со заминување од Астон Вила, па Сузуки може да стане долгорочно решение на голманската позиција.

Астон Вила влегува во новата сезона како освојувач на Лига Европа, откако во финалето во мај го совлада Фрајбург со 3 спрема 0.

Така, само неколку дена по разочарувањето во Париз, Сузуки доби нова голема сцена, Премиер лигата и клуб кој сезонава ќе игра и во Лигата на шампионите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?