Побрз е од Јусеин Болт: Кинески робот истрча 100 метри за 9,39 секунди

Најбрзиот човек во историјата веќе има механички ривал. Кинескиот хуманоиден робот Tiangong Ultra истрча 100 метри за 9,39 секунди на Светските игри за хуманоидни роботи во Пекинг, време за 0,19 секунди подобро од светскиот рекорд на Јусеин Болт.

Болт своите легендарни 9,58 секунди ги постави на Светското првенство во Берлин во 2009 година. Седумнаесет години подоцна, машина на две нозе ја помина истата дистанца побрзо.

Tiangong Ultra, развиен од Пекиншкиот центар за иновации во хуманоидната роботика, победи во трката откако во завршницата го престигна роботот Lightning на Honor. И второпласираниот беше побрз од рекордот на Болт, целта ја мина за 9,47 секунди.

Но, веднаш по целта се виде и разликата меѓу спектакуларна брзина и вистинска човечка подвижност.

Организаторите поставиле дебела заштитна подлога неколку метри зад целта бидејќи роботите сè уште тешко запираат при таква брзина. Tiangong Ultra по финишот се занел кон страничниот дел од патеката, додека Lightning паднал и бил изнесен од теренот.

Резултатот, секако, не претставува нов официјален светски рекорд во атлетика, робот и човек не се натпреваруваат според исти правила и физиолошки ограничувања. Но бројката од 9,39 секунди покажува колку брзо напредувала технологијата само за една година.

На минатогодишното издание на натпреварувањето Tiangong Ultra победил на 100 метри со време од 21,50 секунди. Сега истата дистанца ја минува повеќе од двојно побрзо.

И тоа не е единствениот резултат што привлекува внимание. Робот од истиот модел истрчал 400 метри за 39,7 секунди а тоа е побрзо од човечкиот светски рекорд од 43,03 секунди на Јужноафриканецот Вејд ван Никерк.

Токму тука почнува поважниот дел од приказната.

На Светските игри за хуманоидни роботи годинава учествуваат 2.056 роботи од 666 тимови од 16 земји. На програмата има 51 дисциплина, од кои 30 се спортски, а 21 се задачи создадени да симулираат вистински ситуации.

Роботите не треба само да трчаат, креваат тегови, играат фудбал или изведуваат таи чи. Треба да работат во магацини, да ракуваат со материјали, да извршуваат задачи во ресторан, да реагираат во итни ситуации, да полнат електрични возила и прецизно да спојуваат кабли.

Повеќе од 40 проценти од дисциплините бараат роботите да работат целосно автономно.

А токму едноставните задачи можат да бидат потешки од спринтот.

Кабел поставен под малку погрешен агол, предмет поместен неколку сантиметри од очекуваната позиција или пакет што се лизга бараат од роботот да ја препознае промената, да ја приспособи положбата на телото и рацете, да употреби точна сила и самостојно да ја поправи грешката.

За човек тоа е речиси несвесно движење. За роботот е сложена комбинација од камери, сензори, механика и вештачка интелигенција.

Затоа и дел од компаниите што учествуваат на Игрите сметаат дека брзото трчање е импресивна демонстрација, но не и најважниот показател за иднината на индустријата.

Вистинскиот пресврт ќе дојде кога роботите ќе можат самостојно да решаваат проблеми во средина која не е однапред совршено подготвена за нив.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?