Високи плати, патни трошоци, кирии и приватна мамографија за пратениците, за граѓаните нема термин

Пратениците имаат плати утврдени со посебни коефициенти, надоместоци за патување, можност државата да им плаќа кирија во Скопје, а сега пратеничките добиваат и приватна мамографија во рамките на систематските прегледи. Во истата држава, жените кои го финансираат Буџетот од кој се плаќаат овие права сè уште се соочуваат со установи во кои за мамографија нема слободен термин во следните три месеци. Тоа повеќе не е само приказна за пратенички привилегии, туку за две различни брзини на еден здравствен систем.

Собранието во март избра приватна здравствена установа од Скопје, а во пакетот за систематски прегледи е додадена и мамографија на дојки.

Оваа услуга ќе можат да ја користат пратеничките, службеничките во Собранието и вработените жени во кабинетот на претседателот на државата. Приватна мамографија на пазарот чини приближно од 3.000 до 5.000 денари.

Проблемот не е во тоа што пратеничките ќе добијат превентивен преглед. Мамографијата е важна и раното откривање на рак на дојка може да спасува животи.

Прашањето е зошто државата може да обезбеди едноставен и брз пристап до приватна здравствена услуга за носителите на јавни функции, а истиот стандард не може да го обезбеди во системот на кој се потпираат стотици илјади други жени.

Актуелната мапа на „Мој термин“ покажува дека во дел од градовите има достапни термини за мамографија, но во други стои дека нема слободни термини во следните три месеци. Државата има и бесплатна национална програма за скрининг на жени од 40 до 69 години, но самиот факт што пристапот до дијагностиката останува нерамномерен го отвора прашањето зошто институциите избираат приватен пат за своите вработени наместо истиот притисок да го насочат кон подобрување на јавниот систем.

Контрастот е уште поголем затоа што не станува збор за незначително заболување.

Според Институтот за јавно здравје, ракот на дојка е најчеста причина за смрт од малигни заболувања кај жените во Македонија во анализираниот период од 2010 до 2023 година. Во 2023 година починале 346 жени, а ИЈЗ регистрирал тренд на раст на смртноста. Фондот за здравствено осигурување наведува дека годишно се регистрираат меѓу 800 и 1.000 нови случаи, а бројот на пациентки со ова заболување се зголемил од 5.072 во 2020 на 7.038 во 2025 година.

Затоа прашањето за достапна мамографија не е прашање на комфор.

Тоа е прашање на јавно здравје.

Но мамографијата е само последниот додаток во долгата листа права и надоместоци што ги имаат народните избраници.

Законот предвидува дека пратеничките плати се пресметуваат со коефициенти од 3,5 до 4,0, со дополнително зголемување од 0,5 проценти за секоја започната година работен стаж, до максимум 20 проценти. Средствата се обезбедуваат од Буџетот преку Собранието.

Покрај платата, постојат и патните трошоци.

Само во 2025 година Собранието исплатило 14.369.470 денари за оваа намена. Во првите 13 месеци од мандатот на актуелниот парламентарен состав, 65 пратеници добиле вкупно околу 303.000 евра за гориво, патарини и други трошоци поврзани со патувањето до Собранието. На еден пратеник во тој период му биле исплатени околу 13.200 евра.

За оние што живеат надвор од Скопје постои и друга можност.

Пратеник може да користи надомест за закуп на стан до 400 евра месечно, ако ги исполнува утврдените услови. Деветмина пратеници од актуелниот состав ја користеле таа можност во првите 13 месеци од мандатот, а од Буџетот за нивните кирии биле исплатени повеќе од 44.000 евра.

Секое од овие права има законска основа и свое образложение.

Пратеник од друг град мора да дојде на работа. Некој мора да престојува во Скопје. Носителите на јавни функции треба да имаат соодветна плата. И пратеничките, како и секоја друга жена, треба да имаат пристап до навремена превентивна здравствена заштита.

Но кога сите овие права ќе се стават едно до друго, се поставува многу поедноставно прашање.

Зошто државата е способна да создаде механизам со кој пратеникот ќе добие надомест за патувањето, ќе му се плати кирија ако му е потребна и ќе му се обезбеди приватен систематски преглед, а обичниот граѓанин мора сам да се снаоѓа кога во јавниот здравствен систем нема термин?

Тоа е СУШТИНАТА на проблемот.

Не треба да се укинува мамографијата за пратеничките. Треба да се обезбеди мамографија и за жената која нема службен пакет, институција зад себе и можност буџетот да ѝ плати приватен преглед.

Пратениците, на крајот, се токму луѓето што ги носат законите, го изгласуваат Буџетот и ја контролираат Владата. Тие имаат институционална моќ да прашаат зошто нема доволно термини, зошто пациентите одат од болница до болница и зошто државните институции сè почесто си купуваат приватни здравствени услуги додека јавниот систем останува со старите проблеми.

Приватното здравство со буџетски пари веќе не е само собраниска практика. Дополнително приватно здравствено осигурување имаат или набавуваат и други државни субјекти, меѓу кои ЕСМ, Државната видеолотарија, Народната банка, Развојната банка и ФИНКИ.

Тоа го отвора можеби најнепријатното прашање за државниот систем.

Ако самите институции што го управуваат, финансираат и регулираат јавниот сектор сè почесто бараат спас во приватното здравство, што останува за граѓанинот кој нема институција што ќе ја плати сметката?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?