Ниту Делчево не изостана од пожарите што деновиве се отвораат низ Македонија. Голем шумски пожар денеска ја зафати боровата шума кај делчевското село Бигла, а во борбата со огнот се вклучени пожарникари, доброволци, вработени во јавните претпријатија, шумските служби, локалното население, тешка механизација и воздухоплови.
Според информациите од Дирекцијата за заштита и спасување, пожарот избувнал околу 10 часот откако лице палело гуми во својот двор и изгубило контрола врз огнот. Пламенот потоа се проширил кон блиската борова шума. Информацијата ја потврдуваат и МИА и повеќе домашни медиуми.
Ситуацијата дополнително ја усложнува конфигурацијата на теренот. Бигла е село од разбиен тип, со куќи распоредени на повеќе ридови, поради што службите се обидуваат да спречат пожарот да се приближи до домовите.
На терен се ангажирани сите расположливи сили од Делчево, а побарана е помош и од противпожарните единици од соседните градови.
Во гаснењето се вклучени и трите противпожарни авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, како и полициски хеликоптер. Општината ангажирала тешки трактори и булдожери со кои се прават противпожарни пресеци меѓу шумскиот пожар и селото.
Поради сериозноста на состојбата, Општина Делчево упатила повик и до граѓаните кои се во можност да се приклучат во акцијата за заштита на шумата кај Бигла. На терен се и доброволци, вработени во Македонски шуми, локални претпријатија и жители од околината.
Три лица побарале лекарска помош поради вдишување чад. Станува збор за лицето за кое се наведува дека го предизвикало пожарот, еден пожарникар и припадник на ангажираните локални сили. Тие биле упатени на лекарски преглед превентивно.
Пожарот кај Бигла се отвори во ден кога противпожарните служби веќе се ангажирани на повеќе други точки низ државата.
Според утринскиот пресек на Центарот за управување со кризи, во претходното деноноќие во Македонија биле регистрирани 31 пожар на отворен простор, а осум сè уште биле активни во утринските часови. Во текот на денот се отворија и нови жаришта, меѓу кои и големиот пожар во Делчевско.
Пожарот во Струмичко, кој вчера се закануваше на Баница, Водоча и Софилар, денеска е ставен под контрола, а пожарникарите вршат догасување и контрола на критичните точки. Под контрола е и пожарот кај прилепското село Бонче, каде во текот на ноќта пожарникари и доброволци успеале да спречат огнот да стигне до домовите.
Во Делчевско, пак, борбата продолжува и од земја и од воздух, со приоритет пожарот да се стави под контрола пред да се прошири кон куќите во Бигла.
