Филипче до Левица – откажете се од Русија и Мицкоски, па може да разговараме

Филипче

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска остави отворена можност за политичко обединување со Левица, но постави услов партијата да ги промени своите позиции кон Русија, НАТО и Европската Унија и да се дистанцира од премиерот Христијан Мицкоски.

Изјавата доаѓа откако од Левица порачаа дека се подготвени за предвремени парламентарни избори и дека сакаат да мобилизираат поширок опозициски фронт. Пратеникот Амар Мециновиќ изјави дека партијата ја прифаќа идејата за избори и очекува подобар резултат, особено во Скопје и во урбаните средини.

Филипче, пак, оцени дека евентуално обединување на опозицијата може да се случи единствено околу јасна проевропска платформа и околу Фронтот за вистина и правда, иницијатива што ја промовира СДСМ.

„Обединувањето може да биде само со и зад Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече Филипче, кој Левица ја нарече „прокси партија“ на Мицкоски.

Тој побара од Левица јасно да се изјасни за членството на Македонија во НАТО и за продолжување на европскиот пат.

„Доколку ги сменат своите политики и се откажат од своите ментори и финансиери, мајка Русија и татко Христијан Мицкоски, и тие се добредојдени во Фронтот за вистина и правда“, изјави Филипче.

Според него, услов за соработка е Левица да каже дека го поддржува членството во НАТО и интеграцијата во Европската Унија, бидејќи проевропската ориентација е основата околу која СДСМ го гради својот политички фронт.

Филипче рече дека СДСМ веќе разговара со други партии, граѓански организации, поединци и интелектуалци за приклучување кон Фронтот за вистина и правда.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?