Повеќе од 27,5 тони УХТ млеко од Косово, наменети за продажба во синџир маркети во Македонија, биле запрени на граничниот премин Блаце откако лабораториските анализи откриле афлатоксин над максимално дозволените концентрации. Млекото не било пуштено во продажба и целата количина била уништена.
Станува збор за две пратки со вкупна тежина од 27.520 килограми. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство ги задржале пратките на границата, а земените мостри покажале дека млекото не ги исполнува условите за безбедност на храната.
По добиените резултати, млекото било прогласено за небезбедно и не влегло на македонскиот пазар. Под надзор на официјален ветеринар, сите 27,5 тони биле нештетно уништени на депонијата „Дрисла“.
Афлатоксините се токсини што ги создаваат одредени видови мувла и можат да се најдат во житарките и храната за животни, а преку контаминирана добиточна храна да преминат и во млекото. Светската здравствена организација ги вбројува меѓу најопасните микотоксини и предупредува дека изложеноста на високи концентрации може да предизвика сериозни здравствени последици, додека долготрајната изложеност се поврзува и со канцероген ризик. Афлатоксинот М1, кој може да се појави во млекото, е класифициран од Меѓународната агенција за истражување на ракот како можен канцероген за луѓето.
Контаминираните пратки биле откриени во рамките на Мониторинг-програмата што се спроведува при увоз на храна од животинско потекло. АХВ од 17 јули има воведено и посебни безбедносни мерки за увоз на млеко и млечни производи, со засилени контроли и задолжителни лабораториски испитувања.

