Цело Скопје е во црвено со екстремна загаденост од пожарите

Скопје попладнево е прекриено со густ чад, мирис на изгорено се чувствува во речиси сите делови на градот, а загаденоста на воздухот нагло порасна. На дел од мерните места индексот на квалитет на воздухот влезе во црвената, нездрава зона, додека главниот загадувач се ситните PM2.5 честички.

Центарот за управување со кризи потврди дека чадот што го прекри Скопје доаѓа од големиот пожар на планината Китка, на подрачјето меѓу општините Студеничани и Зелениково. Ветерот го носи чадот директно кон Скопската Котлина, поради што видливоста е намалена, а мирисот на изгорено се чувствува низ градот.

Во 14 часот IQAir регистрираше просечен индекс за Скопје од 116 AQI, што се класифицира како воздух нездрав за чувствителните групи. Концентрацијата на PM2.5 достигна 41,5 микрограми на кубен метар, односно околу 8,3 пати повеќе од годишната препорачана вредност на Светската здравствена организација.

На одделни мерни места состојбата е значително полоша. Кај NOVA International School индексот достигна 155 AQI, што е црвена категорија и значи нездрав воздух за целото население. Кај Млечен се измерени 137, во централниот дел на градот на една приватна мерна станица 132, во Чаир 127, а кај Француската амбасада 119 AQI. Во Карпош индексот беше 96, во Лисиче 77, а во Гази Баба 70.

Само неколку часа претходно состојбата била многу подобра. Во девет часот наутро просечниот индекс за Скопје изнесувал 60, што покажува колку брзо чадот од пожарите го влошил воздухот откако ветерот го насочил кон градот.

Од ЦУК велат дека засега нема пријава за пожар на Водно. Освен пожарот на Китка, регистрирани се пожари на сува трева и ниско деградирана шума во Општина Илинден, како и пожар во атарот на селото Бојане во Општина Сарај.

На Китка денеска дејствувал и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов го опиша овој пожар како најтежок и најкомплексен од активните пожари во земјава. Според него, огнот во изминатите денови неколкупати бил ставен под контрола и изгаснат, но повторно се активирал.

Ангелов изјави и дека надлежните имаат индиции за намерно подметнување на огнот во реонот на Китка и дека државните служби работат на откривање на можните сторители. Тој предупреди дека повторното палење на шумата директно ги загрозува жителите на селата во околината.

Поради високите концентрации на ситни честички, IQAir препорачува намалување на физичката активност на отворено и затворање на прозорците, а чувствителните категории да користат заштитна маска при престој надвор. Особено внимателни треба да бидат децата, повозрасните и лицата со белодробни и срцеви заболувања.

Состојбата може брзо да се менува во зависност од ветерот и развојот на пожарот на Китка, но попладневните мерења покажуваат нагло и сериозно влошување на воздухот во Скопје.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?