Центарот за управување со кризи и директорот Мухамед Али на социјалните мрежи обијавија фотографија од теле на опожарена почва со приказна дека телето било спасено од пожарот што гори на планината Китка.
„Меѓу хаосот и пламените јазици, заедно со пожарникарите на Град Скопје успеавме да спасиме мало теле кое останало заробено на теренот зафатен од пожарот. Мало, исплашено, но живо – мала победа во еден тежок ден“, напиша на својот профил на Фејсбук директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
Приказната за малото теле на прв поглед изгледа емотивно и впечатливо. Сепак, кратко пребарување на интернет открива дека станува збор за фотографија и приказна од друг настан, кој се случил во Калифорнија во 2020 година, а кој директорот на ЦУК го претставува како приказна од пожарите во Палиград, пишува ПорталИкс.
Приказната за јагнето Шарлин е вистинита, но не е поврзана со неодамнешните пожари во Македонија. На 9 септември 2020 година, порталот Agriculture.com ја објавил приказната и фотографијата под наслов „Чудо: Теле преживеа силен пожар во Калифорнија“.
Во допис до медиимуте, директорот Али се извини појаснувајќи дека фотографијата служела само како илустрација.
„Се извинувам за настанатата забуна, сликата е само илустрација на текстот кој е вистинска случка“ напиша Али.
Ваквиот потег на директорот на ЦУК наиде на осуда од страна на граѓаните на социјалните мрежи.

