Мицкоски: Американски воени авиони секојдневно слетуваат во Македонија

Американски воени авиони секојдневно ги користат македонските аеродроми, а дел од нив по краток престој продолжуваат кон Персискиот Залив, изјави премиерот Христијан Мицкоски во интервју за американскиот „Брајтбарт“.

„Американското воено воздухопловство ги користи нашите аеродроми. Секој ден американски воени авиони слетуваат и полетуваат од нашите аеродроми“, рече Мицкоски во интервјуто објавено на 24 август.

Според него, дел од авионите ги користат аеродромите за паркирање и краток престој, по што продолжуваат кон Персискиот Залив.

„Имаме отворено небо за американските авиони, вклучително и воените авиони, и горди сме што сме на располагање за да обезбедиме таква поддршка на американското воено воздухопловство“, изјави премиерот.

Мицкоски во интервјуто нагласува дека Македонија цврсто стои зад САД и администрацијата на претседателот Доналд Трамп, оценувајќи дека земјата не се повлекувала кога од американските сојузници било барано да заземат конкретен став.

„Кога на Америка ѝ беа потребни сојузници да заземат став, мојата земја не се криеше во толпата. Застанавме со Соединетите Држави брзо, јасно и доследно, вклучително и кога тоа носеше политичка цена“, рече Мицкоски.

Тој тврди и дека Македонија во Обединетите нации ги поддржувала позициите на Вашингтон за повеќе прашања, меѓу кои Иран, Венецуела и Куба.

Во економскиот дел од интервјуто Мицкоски рече дека Македонија и САД постигнале основа за билатерален трговски договор и дека очекува негово финализирање во периодот околу Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк. Според премиерот, договорот треба да овозможи нулти царини за американски производи во Македонија и за македонски производи што се извезуваат во САД.

Мицкоски ја претстави Македонија како важна точка за американските интереси на Балканот, посочувајќи ги Коридорите 8 и 10, енергетската соработка и можноста за поголемо присуство на американски инвестиции.

Американските вооружени сили и претходно користеле воени и воздухопловни капацитети во Македонија во рамките на соработката со македонската Армија и НАТО. Министерството за одбрана во минатото објавуваше за слетувања на американски Ф-35, прелети на Б-52 и користење на полигонот Криволак од американски сили.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?