Вештакот за „Пулс“: Сопственикот требало да побара пренамена на објектот

„Пулс“

Одговорноста за пренамената на објектот во кој подоцна работела дискотеката „Пулс“ повторно беше во фокусот на денешното судење, при што одбраните на сопственикот на објектот Гроздан Милковски и на првообвинетиот Дејан Јованов настојуваа да ја разграничат одговорноста за интервенциите направени по 2012 година.

На вкрстени прашања од одбраната, градежниот вештак Горан Марковски потврди дека производствениот погон во моментот кога бил даден под закуп во 2012 година бил безбеден од аспект на носивоста и противпожарната заштита.

Одбраната на Милковски ја градеше тезата дека тој му го предал објектот на Јованов како законски исправен производствен погон, а дека подоцнежните интервенции биле направени при неговото претворање во дискотека.

Марковски, одговарајќи на прашањата, рече и дека сопственикот не бил прашан за реновирањата и за вградувањето материјали при пренамената. Но, на прашањето кој според Законот за градење требало формално да побара пренамена на објектот, вештакот посочи на сопственикот.

„Согласно Законот за градење, барање за пренамена на објект треба да поднесе сопственикот за објектот“, рече Марковски пред судот.

Тој додаде дека евентуалните усни или писмени договори меѓу закуподавачот и закупецот не можат да ги заменат обврските утврдени со Законот за градење.

Прашањето за пренамената на објектот беше отворено и на претходните рочишта. Во градежното вештачење беше посочено дека интервенциите извршени во 2012 година биле поврзани со претворањето на производствениот простор во дискотека, а дека на плафонот бил поставен полиуретански сунѓер кој целосно изгорел во пожарот. Заклучокот за неговото присуство е изведен од фотографии, снимки, други вештачења и траги од објектот.

Претходно, вештакот Душица Трпчевска Ангелковиќ пред судот изјави дека според урбанистичката документација на локацијата не била дозволена пренамена од индустриски објект во објект за угостителска дејност.

Пожарот во „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година. Загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени. Во главниот судски предмет обвинети се 34 лица, а постапката е во фаза на изведување докази.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?