Управител и сопственик на скопска фирма е осомничен дека пред стечајот присвоил десет возила, скутери и трговска стока во вкупна вредност од околу 74,7 милиони денари, а со други дејствија ги оштетил доверителите и државниот буџет за повеќе од 23,4 милиони денари.
Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против В.Р. и против правното лице поради сомнение за даночно затајување и оштетување или повластување на доверители.
Според Финансиската полиција, во периодот од 2019 до 2020 година, иако знаел дека фирмата е неспособна за плаќање и дека ѝ претстои стечај, пријавениот го намалил имотот од кој доверителите можеле да ги наплатат своите побарувања.
Тој се сомничи дека присвоил 10 возила вредни 69.719.484 денари, скутери во вредност од 545.000 денари и трговска стока од 4.457.322 денари. Имотот не бил евидентиран со соодветна документација и не бил пронајден од стечајниот управник, поради што не влегол во стечајната маса.
Како последица, според пријавата, ненамирени останале побарувања на доверителите од 12.069.922 денари, од кои 1.179.059 денари биле побарувања на Управата за јавни приходи.
Финансиската полиција го сомничи В.Р. и дека од 2011 до 2019 година подигнал во готово 53.872.587 денари на име материјални и патни трошоци, без договори, фактури, испратници, сметкопотврди или друга документација со која би се оправдале трошоците во сметководството.
Според пријавата, за овие средства не бил пресметан и платен данок на добивка од 5.387.259 денари и данок на личен доход од 5.985.244 денари.
Финансиската полиција пресметала дека со дејствијата опфатени со кривичната пријава доверителите и Буџетот биле оштетени за вкупно 23.442.425 денари.

