Жерновски: Мицкоски бара алиби за предвремени избори

Премиерот Христијан Мицкоски бара политичко оправдување за распишување предвремени парламентарни избори, тврди Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и секретар за меѓународна соработка на СДСМ.

Жерновски на денешната прес-конференција рече дека СДСМ нема да биде „алиби“ за евентуални предвремени избори и оцени дека изјавите на Мицкоски околу можноста за избори се контрадикторни.

„Мицкоски очајно бара алиби за избори. Самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица“, рече Жерновски.

Мицкоски на 19 август изјави дека Владата има мандат од четири години и дека неговиот основен став е редовните парламентарни избори да се одржат по истекот на мандатот. Сепак, тој остави отворена можност за предвремени избори доколку тоа го побара опозицијата, најавувајќи дека во таков случај би можела да се одржи лидерска средба за договор за датум.

Жерновски тврди дека вистинската причина за евентуално предвремено гласање не е политичкиот предизвик од опозицијата, туку состојбата со јавните финансии.

„Тој има полни бројки во Собранието, има мнозинство и затоа му е тешко да објасни зошто воопшто му требаат предвремени избори“, рече Жерновски, додавајќи дека според СДСМ проблемот е во резултатите на Владата и состојбата на буџетот.

Жерновски изнесе и тврдења дека евентуалното сценарио за предвремени избори е поврзано со руски и српски интереси во регионот. Тој не презентираше јавно достапни докази за ваквите обвинувања, туку рече дека СДСМ располага со информации од луѓе „од кругови кои многу добро знаат што ќе се случува“.

Според него, интересот на таквите центри бил Македонија да остане надвор од Европската Унија. Жерновски ги поврза овие тврдења и со застојот на евроинтегративниот процес и со можните истраги за корупција, што исто така се политички оценки на СДСМ, а не утврдени факти.

Темата за предвремени парламентарни избори повторно се отвори откако Мицкоски рече дека власта нема „кукавички да бега“ доколку опозицијата побара избори. Во меѓувреме, Левица јавно повика на предвремено гласање, додека СДСМ останува на ставот дека нема да биде иницијатор кој ќе ѝ даде оправдување на Владата за скратување на мандатот.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?