Пожарот меѓу селата Горно и Долно Чичево во Општина Градско повторно се прошири и во моментов е надвор од контрола, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Според него, пожарникарите се обидуваат да ги заштитат овоштарниците и објектите, а борбата со огнот може да трае и неколку дена.
„За жал, сега ја изгубивме контролата над него. Се работи за терен со сува трева, кој зафатил голема површина“, изјави Ангелов.
Според него, огнот се движи кон сртот, додека противпожарните екипи на терен се обидуваат да го спречат неговото натамошно ширење и да ги заштитат околните овоштарници и објекти.
„Тука ќе има долга и тешка битка, можеби неколкудневна“, предупреди Ангелов.
Пожарот избувна денеска пред 11 часот во атарот меѓу Горно Чичево и Долно Чичево. Според првичните информации на ДЗС, најверојатно започнал на стрниште, а поради високата сува трева и ветерот брзо се проширил и ги загрозил двете села. Причината за пожарот засега не е официјално утврдена.
Во гаснењето првично беа вклучени пожарникари од Велес, Неготино и Кавадарци. Поради брзото ширење на огнот кон Градско беа пренасочени и ер-тракторите кои претходно дејствуваа на пожарот на Китка.
Ангелов информира дека е побарана и поддршка од хеликоптер на МВР, но проценката на терен е дека расположливите сили не се доволни за брзо ставање на пожарот под контрола. Дополнително се испратени четири специјализирани противпожарни возила „пинцгауер“.
Пожарот во Градско во текот на денот неколкупати ја менуваше динамиката. Локалните жители со трактори помогнаа во изработката на противпожарни пресеци и во еден момент огнот беше делумно задржан, но поради ветерот и сувата вегетација повторно се прошири.
ДЗС засега не соопшти дека куќи во Горно или Долно Чичево се зафатени од огнот, но екипите остануваат распоредени околу населените места поради опасноста од негово натамошно ширење.

