Како малото Пехчево се најде во центар на светската борба против вештачка интелигенција

На прв поглед, Пехчево тешко може да се поврзе со глобалната трка за вештачка интелигенција вредна стотици милијарди долари. Но едногласното „не“ на деветтемина советници за иницијативата за дата-центар го стави овој мал македонски град во средиштето на дебата која веќе ги тресе Ирска, Холандија, Шпанија, Велика Британија и десетици американски сојузни држави.

Тоа не е буквално бунт против вештачката интелигенција. Не секој дата-центар е центар за АИ, ниту секој нов објект служи за тренирање големи јазични модели. Но токму експлозијата на вештачката интелигенција е главниот двигател на новиот бран огромни дата-центри и на наглото зголемување на нивната потрошувачка на електрична енергија.

Меѓународната агенција за енергетика проценува дека дата-центрите во 2024 година потрошиле околу 415 терават-часови струја, а до 2030 година потрошувачката може да достигне околу 945 терават-часови. Забрзаните сервери, кои главно се користат за АИ, треба да бидат одговорни за речиси половина од новиот раст. Македонија колку за споредба користи околу 3 проценти за сите домаќинства.

Во таа глобална слика треба да се чита и она што се случи во Пехчево.

Советот не одлучуваше за готов проект и не забрани изградба на дата-центри. На маса беше иницијатива со која требаше да започне постапка за урбанистичко-планска документација на пет парцели во Панчарево, за објекти наменети за чување и складирање дигитални податоци. Но во моментот на гласањето јавноста не знаеше кој е инвеститорот, колкав треба да биде центарот, колку струја ќе троши, каков систем за ладење ќе користи, колкава количина вода ќе му биде потребна и што конкретно ќе добие локалната заедница.

Токму тие прашања ги обединија петтемина советници од ВМРО-ДПМНЕ, тројцата од СДСМ и советникот од ЗНАМ. Она што во Скопје речиси сигурно би станало партиска пресметка, во Пехчево заврши со 9 гласа против. Советниците побараа целосни информации, стручни анализи и транспарентна постапка пред повторно да се разговара за ваква инвестиција.

И токму тука Пехчево престанува да биде локална приказна.

Новата генерација дата-центри сè почесто се сели подалеку од големите европски метрополи. Причините се едноставни: околу Лондон, Франкфурт, Амстердам и другите традиционални центри има скапо земјиште, преоптоварени електроенергетски мрежи и сè посложени дозволи. Според анализа на Reuters, дата-центрите што треба да се градат во Европа меѓу 2026 и 2028 година во просек ќе бидат околу 175 километри од големите урбани центри, наспроти само 46 километри кај проектите од периодот 2022-2025. Индустријата бара токму она што го имаат помалите средини: евтино земјиште, простор и пристап до енергија.

Со други зборови, Пехчево е типот на место кон кое глобалната индустрија сè повеќе гледа. Но малите средини почнаа да поставуваат едно едноставно прашање: ако ресурсите се наши, што останува кај нас?

Најпознатиот европски пример доаѓа од холандскиот град Зеволде. Meta таму планираше огромен дата-центар на 166 хектари земјоделско земјиште. Локалната власт првично го поддржа проектот, кој требаше да донесе околу 400 постојани работни места. Потоа почна отпорот. Жителите се спротивставија на огромната потрошувачка на електрична енергија, зафаќањето земјоделско земјиште и чувството дека одлуките се носеле без нивно вистинско учество.

Протестите прераснаа во национално политичко прашање. Холандскиот Сенат побара проектот да биде блокиран, централната влада одби да го продаде потребното државно земјиште, а на локалните избори противниците на дата-центарот освоија мнозинство. Неколку месеци подоцна Meta целосно се откажа од Зеволде.

Сличноста со Пехчево не е во големината на проектот, туку во политичкиот механизам. Во двата случаи локалните жители и советници не сакаа прво да се донесе одлуката, а одговорите да дојдат подоцна.

Ирска покажува што може да се случи кога дата-центрите ќе се изградат во голем број пред енергетскиот систем целосно да се приспособи. Во 2015 година тие трошеле околу 5 отсто од измерената електрична енергија во земјата. Во 2025 година уделот стигна до 23 отсто. За споредба, сите урбани домаќинства во Ирска заедно потрошиле околу 18 отсто.

Ирскиот регулатор поради тоа воведе многу построг режим за нови приклучоци. Новите дата-центри треба да обезбедат сопствени или локални производствени и складишни капацитети соодветни на максималната моќност што ја бараат од мрежата. Регулаторот проценува дека без вакви мерки потрошувачката на дата-центрите би можела да достигне околу 31 отсто од националната побарувачка за електрична енергија до 2034 година.

Во Ирска имаше и протести со директно барање да не се дозволуваат нови дата-центри без дополнително производство на обновлива енергија. Аргументот на активистите е дека електричната енергија што треба да ја декарбонизира индустријата, транспортот и греењето сè повеќе завршува во серверските сали. Тоа не значи дека Ирска ги отфрла дата-центрите, напротив, тие се важен дел од нејзината технолошка економија. Но земјата веќе ја почувствува границата меѓу привлекување инвестиции и физичкиот капацитет на енергетската мрежа.

Во Шпанија битката е повеќе за водата.

Арагон стана една од најпосакуваните европски локации за нови дата-центри на Amazon, Microsoft и други компании. Но во 2025 година повеќе еколошки организации првпат координирано поднесоа забелешки против проширувањето на три дата-центри на Amazon Web Services. Тие ги оспорија проценките за потрошувачката на струја и вода, влијанието врз пејзажот и бројот на постојани работни места што проектите реално би ги донеле.

Само неколку месеци подоцна Amazon побара дозволениот максимален годишен воден капацитет за секој од трите центри да се зголеми за 48 отсто, од 36,4 на 53,9 милиони литри. Компанијата објасни дека дополнителната резерва е потребна поради подолгите периоди со екстремно високи температури, кога системите за ладење користат повеќе вода. Активистите го свртеа аргументот обратно: токму во услови на суша и климатски промени, велат тие, водата станува ресурс за кој мора однапред да се утврди кој има приоритет.

Тоа е практично истото прашање што Пехчево го постави пред да има проект на маса: какво ладење ќе користи центарот и колку вода ќе му биде потребна?

Отпорот годинава се проширува и во Велика Британија. Во шкотското село Ахтертул, план за дата-центар со капацитет од околу 600 мегавати предизвика околу 1.600 забелешки. Реакциите во повеќе места ја натераа шкотската влада да воведе дополнително ниво на контрола за големи проекти, а за дата-центрите над 50 мегавати се бара известување на централната власт и посериозна проценка на нивното влијание.

Но најголемиот отпор денес е во САД, земјата која во исто време најагресивно ја турка глобалната АИ трка.

Во јули годинава противниците на дата-центрите организираа 142 протести во 42 американски сојузни држави. Reuters го опиша тоа како прва национално координирана демонстрација против брзото ширење на АИ инфраструктурата. Причините повторно беа речиси идентични со оние во Пехчево: вода, електрична енергија, влијание врз околината, економска корист и одлуки носени без доволно учество на локалната јавност. Анкета на Reuters/Ipsos покажа дека само 14 отсто од Американците би поддржале изградба на дата-центар во нивната локална заедница.

Вирџинија е особено интересен пример бидејќи покажува дека приказната не е еднострана.

Округот Лаудон со децении ја развиваше индустријата на дата-центри и од неа доби огромни приходи. Во буџетот за 2026 година тие обезбедуваат повеќе од една третина, околу 38 отсто, од приходите во општиот фонд на округот. Тоа овозможи намалување на дел од локалните даночни стапки и финансирање јавни услуги.

Но токму Лаудон, еден од најголемите дата-центарски кластери на планетата, во 2025 година ги заостри правилата. Новите објекти во дел од зоните повеќе не можат автоматски да се градат, туку мора да поминат низ посебна постапка со јавна проверка. Причината се поплаките за бучава, огромни објекти, електрични трафостаници и влијанието врз станбените населби. Самата локална власт признава дека дата-центрите носат огромна економска корист, но истовремено создаваат проблеми кои повеќе не можат да се третираат како обична деловна градба.

Во Мемфис спорот отиде уште подалеку. xAI на Илон Маск за својата АИ инфраструктура постави десетици гасни турбини за производство на струја. Еколошки и граѓански организации поведоа правна битка тврдејќи дека дел од турбините работат без потребните федерални дозволи и дека загадувањето непропорционално ги погодува околните населби. Компанијата и регулаторите ги оспоруваат дел од тие аргументи, но случајот покажува како проблемот со дата-центрите веќе не завршува кај серверите, туку се проширува и на електраните што треба да ги напојуваат.

Пехчево е, секако, далеку од овие размери. Никој во јавноста сè уште не знае дали предложениот објект во Панчарево воопшто требало да биде хиперскалер, АИ центар или многу помал објект за складирање податоци. Токму тоа незнаење е дел од проблемот.

Затоа би било погрешно од гласањето да се извлече заклучок дека Пехчево е против модерната технологија или инвестициите.

Дата-центрите се неопходната физичка инфраструктура на дигиталната економија. Без нив нема облачни услуги, онлајн банки, стриминг, модерни телекомуникации, научни пресметки, ниту вештачка интелигенција. Тие можат да донесат големи капитални инвестиции, даночни приходи, инфраструктура и висококвалификувани работни места. Примерот со Лаудон покажува дека економската корист може да биде огромна.

Но примерите од Холандија, Ирска, Шпанија и САД покажуваат и нешто друго: времето кога дата-центарот можеше да биде претставен само како „нова инвестиција“ завршува.

Прашањето сега е колку мегавати ќе бара. Од каде ќе дојде струјата. Колку вода ќе користи. Што се случува при суша. Дали ќе треба нова трафостаница. Кој ќе ја плати инфраструктурата. Дали ќе има резервни генератори. Колку трајни работни места ќе останат по завршувањето на градбата. Колкави даночни приходи ќе добие општината. И кој е инвеститорот.

Пехчево немаше одговор на овие прашања.

Затоа деветтемина советници го направија она што локалните власти од Зеволде до Вирџинија сè почесто го прават: наместо прво да ја одобрат инвестицијата, а потоа да ги мерат последиците, побараа прво да ги видат бројките.

Во глобалната трка за вештачка интелигенција тоа може да стане едно од најважните политички прашања во следните години. Серверите можат да бидат виртуелниот мотор на новата економија, но струјата, водата и земјиштето што ги користат се многу реални и секогаш се наоѓаат во нечија локална заедница.

Оваа недела таа заедница се вика Пехчево.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?