Во Скопје денеска се одбележуваат 116 години од раѓањето на Мајка Тереза, една од најпознатите личности родени во македонската престолнина и добитничка на Нобеловата награда за мир.
Владина делегација предводена од првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали ќе положи цвеќе пред спомен-плочата на местото каде што се наоѓала родната куќа на Мајка Тереза во центарот на Скопје.
Централното одбележување е предвидено во Музејот на современата уметност, под покровителство на Сали. На настанот е најавено присуство и на косовскиот премиер Албин Курти.
Поради посетата и одржувањето на настанот, Министерството за внатрешни работи најави посебен режим на сообраќај во делови од Скопје и апелираше возачите да ги почитуваат насоките на полициските службеници.
Мајка Тереза, родена како Гонџа Агнес Бојаџиу, е родена на 26 август 1910 година во Скопје. На местото каде денес се наоѓа нејзината Спомен-куќа до земјотресот во 1963 година била католичката црква „Пресвето Срце Исусово“, во која таа била крстена и ја примила првата причест.
Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за нејзината хуманитарна работа со сиромашните и болните, а во 2016 година папата Франциск ја прогласи за светица.
Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година во Калкута, на 87-годишна возраст.

