Апелациониот суд Скопје ја потврди ослободителната пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, со што правосилно завршува постапката поврзана со изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Со одлуката паѓа и основата за конфискација на „Белата палата“ и другиот партиски имот опфатен со предметот.
Апелација денеска ја одбила како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје и ја потврдила пресудата на Основниот кривичен суд.
Според образложението на судот, дејствијата што Груевски ги презел како одговорно лице во партијата биле во рамките на неговите овластувања, а Обвинителството не докажало дека неговото постапување било спротивно на Законот за финансирање на политичките партии.
Апелација наведува и дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомневање дека градежната компанија „Бетон“, во моментот кога ги склучувала договорите со ВМРО-ДПМНЕ, имала својство на субјект што вршел јавни услуги. Поради тоа, судот оценил дека не постоела законска забрана компанијата да донира средства на политичката партија, ниту обврска Груевски да ги врати тие средства.
Основниот кривичен суд на 14 јули го ослободи Груевски во повтореното судење и го одби барањето за конфискација на партиското седиште. При објавувањето на пресудата судијката Даниела Алексовска-Стојановска посочи дека врз исходот влијаеле измените на Кривичниот законик од 2023 година. Таа тогаш нагласи дека анализата на доказите и утврдените факти не била променета во однос на претходното судење.
Пред повторувањето на постапката, во 2022 година Груевски беше првостепено осуден на шест години затвор, а Кирил Божиновски доби условна казна. Со таа пресуда беше наложена и конфискација на партискиот имот, но одлуката подоцна беше укината од Апелација, по што судењето започна од почеток.
Со денешната правосилна одлука ВМРО-ДПМНЕ ја задржува сопственоста врз седиштето, чија актуелна вредност во судската постапка и медиумските извештаи се проценуваше на околу 14 милиони евра, како и врз друг имот вреден околу два милиони евра кој со години беше под мерки.

