ММА и МРТ бараат истрага за каналите Арена: Работеле без дозвола?

Истрага за каналите Арена побараа денеска националните радиодифузери членки на Македонската медиумска асоцијација и јавниот сервис МРТ, поради сомнежи дека спортските канали Арена M1, M2 и M3 премиум подолг период работат во Македонија без домашна дозвола и со третман на странски програмски сервиси.

Од ММА и МРТ тврдат дека поседуваат материјални докази според кои Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги третира каналите како странски сервиси што се реемитуваат во земјава. Според нивната реакција, продукцијата, новинарите, коментаторите и гостите се во Скопје, студиските емисии се произведуваат во Македонија, а програмата се емитува на македонски јазик.

Медиумските организации посочуваат и дека каналите Арена M1, M2 и M3 премиум не се заведени во евиденцијата на српското Регулаторно тело за електронски медиуми, поради што, како што наведуваат, не може да се сметаат за домашни српски канали.

Истовремено, според ММА и МРТ, во операторските евиденции одобрени од АВМУ тие се водат како странски програмски сервиси што емитуваат на српски јазик. Токму оваа разлика меѓу формалниот статус и начинот на кој програмата реално се произведува и емитува е во центарот на нивното барање за институционална проверка.

ММА и МРТ бараат истражните органи и надлежните институции да утврдат дали била заобиколена законската обврска за добивање дозвола, дали е предизвикана штета на државниот буџет поради неплаќање лиценца и дали постои одговорност кај сопствениците, раководните лица на телевизиските сервиси и службениците во АВМУ.

Тие бараат да се провери и евентуалното неовластено користење премиум спортски телевизиски права, односно дали постојат елементи на телевизиска пиратерија. Во реакцијата се повикува регулаторот да го испита и долгогодишното реемитување одредени канали од Хрватска, Албанија, Босна и Херцеговина и Србија.

ММА и МРТ предупредуваат дека сличен модел би можел да биде применет и при најавеното работење на „Јуроњуз Македонија“. Тие бараат АВМУ да не го третира овој медиум како странски сервис доколку неговата програма фактички се произведува во Македонија.

Од двете организации најавија дека ќе поднесат соодветни пријави до Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, со барање да се испита постапувањето и евентуалната одговорност на надлежните лица во АВМУ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?