Премиерот Христијан Мицкоски очигледно сериозно ги сфатил препораките за заштита од западнонилската треска. На „Карпошово културно лето“ се појави во маица со долги ракави, токму во период кога здравствените власти апелираат граѓаните да носат облека што покрива поголем дел од телото и да користат репеленти за заштита од комарци.
Советот е особено актуелен во Скопје, каде летово се регистрирани повеќе случаи на западнонилска треска, а и Општина Карпош спроведе дополнителна дезинсекција и упати препораки до жителите за заштита од комарци.
Мицкоски присуствуваше на годинешното „Карпошово културно лето“, манифестација која годинава се одржува по 17. пат и во десет фестивалски денови носи концерти, филмски проекции, изложби, фолклор и други културни содржини на повеќе локации низ Карпош.

