Стевчо Јакимовски од затвор итно пренесен во болница

Поранешниот градоначалник на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, е итно пренесен од Затвор Скопје во болница по влошување на здравствената состојба. Информацијата првично ја објави „24инфо“, повикувајќи се на свои извори.

Според објавените информации, причина за хоспитализацијата е влошување на постоперативна инфекција, поради што била потребна лекарска интервенција и продолжување на третманот во болнички услови.

Засега нема официјално соопштение од затворската управа или од здравствена установа за неговата моментална состојба, ниту информации колку долго ќе остане на болничко лекување.

Јакимовски од средината на јули ја издржува затворската казна во Затвор Скопје. Апелациониот суд претходно му ја потврди едногодишната затворска казна за бесправно градење поврзано со објектот во кој беше сместена Општина Карпош. Бидејќи претходно поминал речиси пет месеци во притвор, во казната му бил пресметан и тој период.

дополнување:

Стевчо Јакимовски речиси три недели бил хоспитализиран во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, а на 26 август е вратен во КПУ Затвор Скопје, потврди директорот на затворот Бобан Утковски за „Скопје1“.

Според неговата изјава, Јакимовски на 5 август бил пренесен во болница откако пријавил здравствени тегоби.

„На 5 август 2026 година, по претходно искажани здравствени тегоби и жалби од негова страна, тој беше хоспитализиран во Клиничката болница ‘Аџибадем Систина’, каде што му беше овозможен соодветен медицински третман и здравствена грижа“, изјави Утковски.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?