Земјоделски правобранител и Комора на агрономи за крај на бирократските лавиринти

Македонскиот фармер со децении е оставен сам на себе. Климатските промени и временските неприлики му ја уништуваат реколтата на нивата, надвор од неа тој се губи во бирократските лавиринти на институциите, а на крајот од секоја сезона го тишти вечниот проблем со продажбата на своето производство.

Јане СТАНКОСКИ*

Нашата земјоделска политика со години е сведена на решавање проблеми „од денес за утре“- преку привремени комисии, вонредни субвенциски интервенции и гасење пожари пред протести. Но, за одржливо село и сигурно македонско земјоделско производство не се потребни само социјални мерки. За да се заокружи целиот систем во агросекторот, суштински се неопходни овие две институции: Земјоделски омбудсман и Комора на агрономи.

1. Земјоделски правобранител (омбудсман): Заштита на земјоделците од административните лавиринти и нефер односите во агросекторот

Секој земјоделец што обработува од 5 до 15 хектари е премногу мал за сам да води спорови со државната администрација при повреди на неговите законски права, ниту пак може сам да им се спротивстави на нефер односите со останатите чинители во агросекторот.

Земјоделскиот правобранител (омбудсманот) мора да биде институционалниот штит за секој земјоделец. Тој ќе овозможи брза медијација, заштита на правата и еднаквост при аплицирањето за концесии на земјоделско земјиште, субвенции и сите други повици од државните институции, како и рамноправност при продажбата на производството на пазарот.

Искуствата од Европската Унија и САД:

Европска Унија (Директива 2019/633): Во земјите од ЕУ, законот строго ги дефинира нефер практиките во агро-прехранбениот синџир. Преку тела кои функционираат со омбудсмански овластувања (како Groceries Code Adjudicator во Велика Британија или соодветните агенции во Франција и Шпанија), се решаваат спорови кога се доцни со исплатата, кога еднострано се менуваат условите од договорот или кога се врши ретроактивно намалување на договорената цена. Исто така, механизмите на ЕУ овозможуваат брза ревизија кога администрацијата греши при исплатата на директните плаќања и фондовите од Заедничката земјоделска политика (CAP).

САД и Канада (Packers and Stockyards Act / Farmers’ Advocate Office): Во САД постои специјализирана федерална заштита која ги спречува антиконкурентските практики во земјоделството. Федералните органи и медијаторите гарантираат дека договорите меѓу земјоделците и големите преработувачи се транспарентни, а исплатите се вршат навремено. Дополнително, канадскиот систем преку Farmers’ Advocate Office обезбедува независно застапување за имотно-правни спорови и ресурси без трошоци за долготрајни судски процеси.

2. Комора на агрономи: Заштита на интересите на струката, науката и одржливоста на земјоделското производство

Заштитата на правата на земјоделците е само половина од равенката — правобранителот се бори за правата на фармерот, но за вистински развој на земјоделството потребен е и стручен пристап, знаење, технологија и стандардизација. Со озаконување и формирање на Комората на агрономи ќе се обезбеди директна и соодветна инволвираност на стручњаците во сите процеси во агросекторот.

Не можеме да очекуваме конкурентно производство во 21 век додека струката е маргинализирана. Комората е телото што ќе воведе ред преку:

Лиценцирање на стручните лица, Контрола врз употребата на пестициди, ѓубрива и агротехниката во производството, Директно учество во креирањето на државните аграрни политики, шеми за субвенционирање и директни плаќања.

Искуствата од Европската Унија и САД:

Европска Унија (Моделите на Италија, Шпанија и Словенија): Во земјите од ЕУ, професијата агроном е строго регулирана преку инженерски комори (Ordine dei Dottori Agronomi во Италија или Colegio Oficial de Ingenieros Agrónomos во Шпанија). Во овие земји, ниеден аграрен проект, ИПАРД апликација, студија за наводнување или план за заштита и облагородување на почвата не може да по помине без официјален печат и потпис од лиценциран агроном, член на комората. Коморите во ЕУ директно учествуваат во носењето на националните стратегии, гарантирајќи дека државната поддршка се врзува со еколошките стандарди и остварениот принос, а не со социјални исплати.

САД (Certified Crop Adviser – CCA & American Society of Agronomy): Во САД, агрономите-советници минуваат низ ригорозни програми за сертификација под закрила на професионалните комори и асоцијации. Американскиот модел се заснова врз прецизно земјоделство и интегрирано управување со штетници (IPM). Државните сојузни програми за субвенции и даночни олеснувања бараат земјоделците да соработуваат со сертифицирани агрономи кои изработуваат верификувани планови за прихрана и заштита на производството.

Заклучок: Со Синхронизиран систем до ново македонско земјоделство

Овие две тела не претставуваат дополнителна бирократија, туку затворен, функционален и одржлив круг:

Земјоделскиот омбудсман обезбедува институционална сигурност, рамноправност на пазарот и правна заштита за фармерот.

Комората на агрономи обезбедува стручност, примена на нови технологии, контрола на квалитетот и развојна аграрна стратегија за државата.

Само со ваков систем македонското земјоделство може да престане да биде социјална категорија и конечно да стане профитабилен и модерен бизнис.

*М-р Јане Станкоски е експерт за земјоделство

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?