Руски дрон погоди компанија кај Киев, шестмина повредени и над 200 евакуирани

Русија

Руски дрон погоди комплекс на компанија во селото Мила, во Бучанскиот округ на Киевската област, предизвикувајќи голем пожар и серија секундарни експлозии. Најмалку шест лица се повредени, а повеќе од 200 жители, меѓу кои и деца, биле евакуирани од околината.

Ударот се случил во петокот нешто по 20 часот. По експлозијата избувнал пожар кој се проширил кон околните објекти, а на местото подоцна се слушнале повеќе дополнителни детонации. Украинските власти засега не го објавија името на погодената компанија.

Украинското обвинителство отвори и посебна истрага за условите во кои во комплексот биле складирани експлозивни материјали. Ќе се проверува дали нивното чување било законско и дали компанијата ги имала потребните дозволи и одобренија.

Според првичните информации, пожарот зафатил и околни објекти. Изгореле пет куќи и еден угостителски објект, една куќа била целосно уништена, а уште седум биле оштетени. Оштетени биле и противпожарно возило и објект за сместување постари лица.

Интервенцијата на спасувачките екипи била дополнително отежната затоа што локацијата била повторно нападната откако пожарникарите веќе пристигнале на терен. Украинските служби ваквата тактика ја опишуваат како повторен удар врз истата локација додека таму работат спасувачи.

Нападот во Мила е дел од нов бран руски удари врз Киевската област. Во пошироките напади во регионот во петокот биле оштетени најмалку 14 магацини, 16 приватни куќи, три станбени згради и 16 возила. Според украинските власти, во тие напади загинало едно лице, а имало и повеќе повредени.

Меѓу погодените објекти во последните напади има и логистичка инфраструктура. Компанијата „Нова пошта“ соопшти дека руски дрон уништил еден од нејзините магацини во Киевската област, додека во Сумската област бил погоден и центар за сортирање пратки.

Русија соопшти дека во Киевската област погодила складиште во кое, според Москва, се чувале украински крстосувачки ракети „Фламинго“ и гориво за ракетни мотори. Украинските власти не ја потврдија оваа верзија, а независна потврда за руското тврдење засега нема.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?

Веќе имате гласано на оваа акента.

Да, секоја година правиме ајвар 246 (37%)
37 %
Купуваме од маркет, исти се како домашните 232 (35%)
35 %
Прескапо е, буџетот не ни дозволува 117 (18%)
18 %
Постарите прават и ни даваат 66 (10%)
10 %