Турските серии станаа индустрија од милијарда долари

Турските телевизиски серии одамна не се само забавна програма. Тие прераснаа во извозна индустрија вредна повеќе од една милијарда долари и едно од најсилните средства со кои Турција ги промовира својот јазик, култура, градови и туристички дестинации низ светот.

Според податоците презентирани во Истанбул на настанот „Глобалната приказна за турскиот бренд – турски ТВ серии“, турските продукции денес стигнуваат до повеќе од една милијарда гледачи во над 170 земји. Турција веќе е меѓу трите најголеми извозници на телевизиски серии во светот.

Растот е огромен. Во раните 2000-ти години приходите од продажбата на турски серии во странство изнесувале околу 10 милиони долари. Денес извозот надминува една милијарда долари.

Тоа значи дека за околу две децении вредноста на оваа индустрија пораснала повеќе од сто пати.

Само пред неколку години главните пазари беа Балканот, Блискиот Исток и делови од Азија. Денес турските серии имаат публика од Латинска Америка до Европа и Африка, а силно се гледаат и во Франција, Шпанија и Италија.

Не се продава само серијата, туку и Турција

За турските власти економската заработка е само еден дел од приказната.

Министерот за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој оценува дека сериите станаа стратешка предност бидејќи истовремено го зголемуваат интересот за турскиот јазик, храната, културата и местата на кои се снимаат.

Ефектот се гледа и во туризмот. Гледачите што со години ги следат Истанбул, Босфор, Кападокија или турското крајбрежје преку телевизиските ликови подоцна ги пребаруваат тие локации и патуваат во Турција.

Токму поради тоа државата веќе ги поврзува телевизиската продукција и туристичката промоција.

Од јуни 2025 година осум специјално создадени промотивни продукции оствариле околу 30 милијарди прикажувања и 5,5 милијарди прегледи на дигиталните платформи, според турското Министерство за култура и туризам.

Сериите го продаваат и турскиот јазик

Влијанието оди и подалеку.

Истражување на Институтот „Јунус Емре“ и турскиот регулатор RTÜK, спроведено меѓу 5.000 странци што учат турски јазик, покажало дека 81 отсто од нив изјавиле дека интересот за јазикот им започнал токму преку гледање турски серии.

Оттука и оценката на турските власти дека сериите се еден од најмоќните инструменти на меката моќ на земјата.

Наместо класична туристичка реклама од 30 секунди, гледачот десетици часови следи ликови кои живеат во Истанбул, пијат турско кафе, јадат локална храна и се движат низ препознатливи турски локации.

Државата дополнително ја турка индустријата

Анкара веќе воведе и дополнителни механизми за поддршка на продукции што имаат потенцијал за меѓународен успех.

Меѓу критериумите се емитување во најмалку 10 земји на три континенти, извозните приходи, гледаноста и придонесот кон промоцијата на Турција и турскиот јазик.

Резултатот е индустрија која истовремено произведува телевизиска содржина, носи директни девизни приходи и функционира како глобална рекламна кампања за целата земја.

Од околу 10 милиони долари извоз на почетокот на векот до над една милијарда денес, турските серии покажуваат колку културната индустрија може да стане сериозен економски производ.

А со публика поголема од една милијарда луѓе, Турција преку телевизиските екрани денес стигнува до публика што е многукратно поголема од нејзиното население.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?