Студентските протести во Тирана продолжуваат втор ден по ред, а судирите со полицијата денеска се проширија пред повеќе државни институции. Според албанските медиуми, пожар избувнал и во зградата на Министерството за финансии, од чиј прв кат се издигале чад и пламен.
Демонстрантите, кои претходно протестираа пред Министерството за образование, се упатиле кон Министерството за финансии, каде што дел од нив насилно влегле во објектот и изнеле столови и маси. „Балкан веб“ објави дека во текот на немирите бил запален дел од зградата, додека полицијата се обидувала да ги потисне демонстрантите.
Тензии имало и во близина на парламентот, каде што полицијата поставила кордон за да го спречи движењето на толпата. При интервенциите бил употребен солзавец, а дел од демонстрантите фрлале камења и други предмети кон полицајците.
Претходно во текот на денот, пред Министерството за образование биле запалени контејнери, а кон зградата биле фрлани пиротехнички средства и молотови коктели. Според албанските медиуми, пожар зафатил и делови од објектот. Полицијата интервенирала со водени топови и солзавец.
Студентите протестираат поради лошите услови на универзитетите, високите трошоци за студирање и ограничените можности за вработување по дипломирањето. Дел од демонстрантите бараат и оставка од премиерот Еди Рама, обвинувајќи ја владата за корупција и недоволна грижа за младите.
Протестите започнаа вчера, на 13 октомври, кога повеќечасовните демонстрации прераснаа во насилни судири. Според податоците што ги објави албанската полиција, по првиот ден биле уапсени 16 лица, а против уште 49 била поведена постапка.
Во меѓувреме, студенти од Драч најавија протест за утре во знак на солидарност со демонстрантите во Тирана.
Засега нема потврдени информации за размерите на материјалната штета од пожарот во Министерството за финансии.

