И институциите на Европската Унија го осудија глорифицирањето на воениот злосторник Ратко Младиќ, нагласувајќи дека глорифицирањето на лица осудени за воени злосторства е во директна спротивност со европските вредности, велат од опозициската ДУИ.
Но, додваат од ДУИ, очигледно, тоа воопшто не го интересира Иван Стоилковиќ, неговата партија и луѓето од оваа политичка структура, кои продолжуваат да ги глорифицираат и релативизираат најголемите злосторници на минатиот век во Европа, по Втората светска војна.
Во продолжение на соопштението од Мала Речица, ДУИ се обраќа кон ВЛЕН која е дел од владејачката коалиција.
„А наспроти тоа, ВЛЕН не се осмелува ниту да го спомене името на Иван Стоилковиќ. Ова молчење останува тешко прашање за јавноста, особено кога самиот Стоилковиќ изјавил дека претставниците на ВЛЕН треба да внимаваат, бидејќи, според него, два-три пати им „го спасил образот пред јавноста“.
Затоа прашањето е неизбежно: што го поврзува ВЛЕН со Иван Стоилковиќ и зошто немаат храброст да го осудат?
Од формирањето на оваа Влада, Стоилковиќ и неговите политички структури се наградени со значајни државни функции. Функцијата заменик-премиер за имплементација на Охридскиот мировен договор, документ од витално значење за Албанците и другите заедници, му е доверена на политичка структура поврзана со овој политички правец, додека Далибор, близок кадар до Стоилковиќ, е именуван за директор во Агенцијата за остварување на правата на заедниците.
Оттаму започна серија настани и проекти кои предизвикуваат сериозна загриженост за продорот на таканаречениот проект „српски свет“ во Република Северна Македонија“ велат од ДУИ.
Од ДУИ понатаму додаваат деа не било случајност тоа што Европскиот парламент, не еднаш, туку две години по ред, ја истакнува загриженоста дека експоненти на оваа Влада го промовираат и помагаат ширењето на влијанието на „српскиот свет“ во Република Северна Македонија.
„Затоа прашањето до ВЛЕН е едноставно:
Кога ќе побарате разрешување од Владата на Иван Стоилковиќ и неговите функционери, кои го глорифицираат Ратко Младиќ и другите воени злосторници?“ прашуваат од ДУИ.

