Крива Паланка изминатата ноќ беше најпогодена од локалното невреме, со измерени 30 литри дожд на метар квадратен. Врнежи имаше и во повеќе други градови, а УХМР предупредува дека попладне повторно се можни локални поројни дождови, грмежи и засилен ветер.
Според мерењата на УХМР, во Струмица наврнале 18 литри на метар квадратен, во Виница 13, во Берово осум, во Тополчани шест, во Битола три, а во Радовиш и Крушево по еден литар.
Од УХМР посочуваат дека поради локалниот карактер на невремето, количината на врнежи може значително да се разликува и на одделни места да биде многу поголема од онаа измерена на метеоролошките станици.
До крајот на денот времето ќе биде претежно сончево и топло, со мала до умерена локална облачност. На повеќе места ќе има услови за краткотрајна нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималните дневни температури ќе се движат од 29 до 36 степени.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност и слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне околу 36 степени.

