Полицијата вчера уапсила девет пијани возачи

Во текот на изминатото деноноќие, на територијата на целата држава, полициски службеници лишија од слобода 18 возачи поради сторени прекршоци од областа на сообраќајот, односно за „безобѕирно управување со возило“, соопштуваат од МВР.

Од нив, девет возачи управувале возило под дејство на алкохол, и тоа од Штип, Прилеп, Демир Хисар, Битола, Куманово и Неготино.

Кај возач од Куманово биле измерени 1,57 промили алкохол во крвта, при што тој агресивно се однесувал кон полициските службеници, додека возач од Демир Хисар, кај кого биле измерени 1,89 промили алкохол во крвта, предизвикал и сообраќајна незгода.

Седум возачи управувале возило без положен возачки испит, од Куманово, Скопје, Битола, Гостивар и Општина Чашка. Меѓу нив се и двајца малолетници, од кои едниот управувал патничко возило, а другиот мотоцикл.

„Во истиот период, полициски службеници сопреле и двајца возачи, од Куманово и Скопје, кои управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана за управување со моторно возило.

По целосното документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Министерството за внатрешни работи продолжува со засилените контроли во сообраќајот, со цел санкционирање на несовесното и неодговорното однесување на учесниците во сообраќајот. Почитувањето на сообраќајните правила и прописи, одговорното однесување и целосното почитување на изречените мерки се од особено значење за спречување на сообраќајни незгоди и за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот“ велат од МВР.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?