Учениците од четврто до деветто одделение во ООУ „Киро Глигоров“ во Општина Центар утре нема да ја започнат новата учебна година со физичко присуство, туку привремено ќе следат онлајн настава. Причината се незавршените градежни работи во дел од училишниот објект, кои според првичниот план требало да завршат пред 1 септември.
Практично, учениците од пониските одделенија ќе можат да започнат со настава во училиштето, додека оние од четврто до деветто одделение ќе учат од дома сè додека не се создадат безбедни услови за нивно враќање во училниците.
Родителите за промената биле известени денеска, само еден ден пред почетокот на учебната година.
Градежните активности се реализираат во рамки на Проектот за унапредување на основното образование, чиј носител е Министерството за образование и наука. МОН ги обезбедува средствата, проектот, изведувачот и надзорот над работите.
Од Општина Центар велат дека според првично утврдената динамика работите требало да бидат завршени пред почетокот на учебната година, но тоа не се случило. Поради тоа училиштето побарало од МОН дозвола за организирање настава од далечина за учениците од четврто до деветто одделение, што Министерството го одобрило.
Градоначалникот Горан Герасимовски вели дека од Министерството е побарана точна информација за рокот во кој ќе завршат градежните активности, за учениците што побрзо да се вратат на редовна настава.

