Исландското „НЕ” за преговорите за ЕУ значи повеќе работа за владите од Западен Балкан

Исланѓаните изминатиот викенд на референдум кажаа „Не" на продолжување на преговорите за членство во Европската Унија, со што ја закомплицираа позицијата во која се наоѓаат земјите од Западен Балкан за добивање поддршка за проширување во земјите-членки.
Балкан
EPA/OLIVIER HOSLET

Исланд изминатиот викенд гласаше за дали да ги продолжат преговорите за членство во Европската Унија, кога при 82,5 отсто излезеност, мнозинство од речиси 53 отсто рече „Не”. Со тоа преговорите на оваа островска земја за членство во ЕУ остануваат замрзнати, откако поднесоа апликација во 2009 година, по глобалната економска криза.

Главната причина за отфрлањето на продолжување на преговорите за членство, според многумина во Исланд, се условите околу рибарењето, највредната стопанска гранка во земјата, но и потенцијалното откажување од суверенитетот.

Сепак, за останатите земји во процесот на пристапување, меѓу кои е и Северна Македонија, фактот што Исланд нема да биде дел од пакетот е причина за загриженост, но и момент за будење и „засукување” на ракавите за тоа што предстои.

Како „фронт-ранери” за членство во ЕУ од земјите кои преговараат во моментов се издвојуваат Црна Гора и Албанија. Европската Унија веќе ги прави и потребните подготовки за евентуално членство на Црна Гора, но главниот проблем, кој можеби во моментов не е толку очигледен, е поддршката за проширувањето во земјите-членки, особено во Франција.

Франција е земјата-членка каде што секое проширување на ЕУ треба да подлежи на внатрешно одобрување. Согласно измените на францускиот Устав, кои важат по влезот на Хрватска во ЕУ, за Франција да се согласи на приклучување на нова држава во Европската Унија, „Да” треба да кажат граѓаните на референдум или да се обезбеди мнозинство од три петтини во двата дома на Францускиот Парламент.

Исланд, како земја која е веќе во Шенген и дел од Европската економска област, богата и развиена, без проблеми со владеењето на правото, мал број на жители и културолошки дел од Западна Европа ќе беше лесно „продаден” за да се обезбеди поддршка помеѓу француската јавност, но доколку останат само земјите од Западниот Балкан, ситуацијата ќе биде потешка.

Според последните анкети, Французите се против проширувањето на ЕУ. Дури 54 отсто од граѓаните сметаат дека Европската Унија не треба да се проширува, наспроти 35 кои се за, бројки кои се полоши доколку се споредат со минатата година, кога 49 беа против 41 за.

Политичката ситуација во Франција исто така не влева многу надеж за лесно „протнување” на проширувањето и обезбедување на три петтини мнозинство. Националното собрание е длабоко фрагментирано по вонредните избори во 2024 година, а владата нема стабилна парламентарна поддршка. Десничарскиот Национален собир на Марин Ле Пен е најголема партија, иако е во опозиција со 123 пратеника, додека партијата на Макрон е дел од малцинска влада. Наредните редовни парламентарни избори се закажани за 2029 година, а претседателските за 2027, но нестабилноста на сегашната ситуација значи дека никој не може да исклучи вонредни избори пред тоа. Во таква средина, ниеден политичар нема да посака да ја стави главата во торба за проширување.

Токму затоа, земјите-кандидатки мора да работат на тоа да имаат чисто досие, навремено и квалитетно да ги спроведат потребните реформи за членство, со цел да ги исполнат критериумите. Тоа не значи само усвојување на закони, туку нивна вистинска примена, особено во областите на владеење на правото, борба против корупција и независност на судството, кои се клучни за добивање поддршка во скептичните земји-членки. Реформите мора да бидат видливи и мерливи, а не само за внатрешна употреба.

Но, покрај реформите, Црна Гора и Албанија, како и останатите земји-кандидатки, мора да почнат да работат и билатерално, со сите земји-членки на Европската Унија, со нивните влади, но и граѓани за да покажат дека приклучувањето само ќе ја збогати Унијата, а нема да создаде нови проблеми. Дипломатијата мора да слезе на ниво на граѓани, преку директна комуникација, медиумска присутност и едноставни аргументи кои допираат до обичниот Французин кој никогаш не слушнал за Подгорица или Скопје.

Аргумент плус за земјите-кандидатки се и податоците за тоа колкаво влијание нивното членство би имало врз буџетот на Европската Унија. Согласно анализата на истражувачкиот центар Бругел, сите шест земји од Западниот Балкан заедно се релативно мали по економска моќ и население, па нивното членство би имало минимален буџетски ефект врз сегашните членки. Зголемувањето на вкупниот буџет на ЕУ би изнесувало само од 1,12 на 1,23 отсто од БДП, и тоа само доколку истовремено влезат и Украина, Молдавија и Западен Балкан. Без Украина, трошокот за постоечките членки е уште помал. Најдобар случај за претставување тука има Црна Гора, најмалата земја во регионот со само 620.000 жители, која е и најнапредна во процесот на пристапување, со 18 затворени преговарачки поглавја од вкупно 33, а советниците на ЕУ веќе работат на нацрт на пристапниот договор. Ако некоја земја може да ги убеди скептичните европски граѓани дека проширувањето е разумен чекор, тоа е Подгорица.

Исланд ги потсети сите дека проширувањето повеќе не е само одлука на влади и дипломати во Брисел. Граѓаните се сè поважен фактор, а нивните стравови и предрасуди за Западен Балкан нема да исчезнат сами по себе.

На земјите-кандидатки, вклучително и Северна Македонија, им претстои двојна задача: да работат на внатрешните реформи со забрзано темпо и квалитет, но и да ја однесат пораката за тоа зошто нивното членство е добро за Европа директно до европските граѓани. Не само до Брисел, не само до канцелариите на премиерите, туку и до улиците на Париз.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?