(Видео) Силјановска Давкова даде гол од десет метри и им порача на пензионерите: „И јас сум една од вас“

Силјановска Давкова даде гол од десет метри денеска, 2 септември, во Охрид, со што ги отвори 30. Републички пензионерски спортски натпревари. По фудбалскиот потег, претседателката им порача на учесниците дека пензионирањето не го означува крајот на активниот живот, туку почеток на нов животен циклус.

„Логично е да бидам меѓу вас, бидејќи и јас сум една од вас“, рече Силјановска Давкова пред повеќе од 300 учесници од пензионерските здруженија низ Македонија.

Таа оцени дека во годините по пензионирањето до посебен израз доаѓаат мудроста, знаењето и животното искуство. Според неа, спортот не претставува само физичка, туку и ментална вежба што го подобрува здравјето, го поттикнува дружењето и помага во справувањето со успесите и неуспесите.

Силјановска Давкова зборуваше и за вклучувањето на пензионерите во креирањето на јавните политики. Таа истакна дека нивниот глас треба да се слуша особено при носењето закони и одлуки што непосредно влијаат врз нивниот живот.

Како пример го посочи јапонскиот концепт „икигаи“, според кој секој човек има причина за постоење и цели што може да ги остварува независно од возраста. На учесниците им посака чесна игра, достоинствено натпреварување и успешни настапи.

На спортските натпревари во Охрид учествуваат 312 натпреварувачи од 41 здружение, членки на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија. Годинашниот настан е посветен на одбележувањето 80 години од пензионерското организирање во земјата и на 20 септември, Денот на пензионерите.

На отворањето се обратија и претседателката на Сојузот, Станка Трајкова, охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, претседателката на Здружението на пензионерите на Словенија, Зденка Јан, и претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?