Мистериозна смрт во Битола отвори низа прашања откако 39 годишен струмичанец беше пронајден починат во дворот на Клиничката болница. Неколку часа претходно, камера снимила како непознат маж го влече по калдрмата на Широк Сокак додека бил во бесознание, а Обвинителството потврдило дека на снимката е истиот човек.
Како што објави Телма во известувањето на новинарката Билјана Николовска Тодорова, Обвинителството во текот на ноќта добило само усно известување за тепачка во близина на местото каде што била направена снимката. До Обвинителството, според телевизијата, не било доставено писмено известување од полицијата за настанот.
Првичните сознанија на истражните органи покажуваат дека струмичанецот по пресметката се јавил на преглед во Ургентниот центар на битолската болница. По прегледот бил упатен на дополнителни испитувања, но засега не е познато дали ги направил, кога ја напуштил болницата и каде се наоѓал во следните часови.
Мажот бил пронајден дури околу 12 часа подоцна. Во официјалното соопштение МВР наведе дека случајот бил пријавен во СВР Битола на 31 август, околу 12 часот и 15 минути. Смртта на Ј.И. ја констатирал лекар од Итната медицинска помош, а јавен обвинител наредил обдукција. Увид извршила екипа на СВР Битола.
Телма, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека причина за смртта можеби бил срцев застој. Оваа информација не е официјално потврдена, бидејќи резултатите од обдукцијата сè уште не се објавени. Обвинителството соопштило дека ги испитува сите околности поврзани со случајот.
До објавувањето на прилогот, Телма не добила одговор ниту од СВР Битола ниту од Министерството за внатрешни работи. Без одговор остануваат прашањата кој е човекот што го влече струмичанецот по Широк Сокак, кој ја направил снимката, дали полицијата го обезбедила видеото и дали се преземени снимките од околните објекти.

