Шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет напишал дека привилегијата да имаш предци не е да го наследиш нивниот сјај, туку да им дадеш нов — „no es recibir lustre de ellos, sino darles“. Токму тоа треба да значи независноста: да не живееме од она што го постигнале генерациите пред нас, туку нивното постигнување да го однесеме напред.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Минатиов месец, во пресрет на 35-годишнината од независноста, се обидов да ја раскажам приказната за Македонија низ три колумни.
Најнапред, за тоа дека независноста никогаш не е завршена работа — дека секоја генерација ја наследува, но мора одново да ја осмислува и да ја направи своја. Потоа, низ настаните, изборите, успесите и неуспесите што ги обликуваа овие 35 години — затоа што Македонија не може да се собере во една приказна, а уште помалку во една песна.
И конечно, низ луѓето кои им дадоа глас на тие години и оставија нешто зад себе.
Посебна благодарност до Рацин.мк што им даде простор на овие размислувања и ми овозможи да ги споделам со нивните читатели.
Денес, на 8 Септември, прашањето веќе не е само што наследивме или што направивме со овие 35 години. Прашањето е каде одиме.
Шпанскиот филозоф Хозе Ортега и Гасет напишал дека привилегијата да имаш предци не е да го наследиш нивниот сјај, туку да им дадеш нов — „no es recibir lustre de ellos, sino darles“. Токму тоа треба да значи независноста: да не живееме од она што го постигнале генерациите пред нас, туку нивното постигнување да го однесеме напред.
Да ја сакаш Македонија не значи да ја замрзнеш во времето. Значи постојано да ја развиваш и надградуваш, да го продолжиш она што генерациите пред нас го започнале. Компромисите што ѝ отвораат простор да биде посигурна, поприсутна, поврзана и вткаена во глобалните текови — дел од глобалното семејство на либерални демократии, онаму каде што природно припаѓа — не ја прават помалку наша. Напротив.
Нашата иднина не може да биде во нови зависности, наследени митови или во илузијата дека силните лидери и авторитарните модели нудат сигурност. Особено не кога се величаат осудени воени злосторници, а најмрачните страници од поновата историја на нашиот регион се прекројуваат пред нашите очи.
Местото на Македонија е таму каде што независноста требаше да нè однесе — меѓу либералните демократии на Европа и Западот. Не затоа што се совршени, туку затоа што слободата, плурализмот, човечкото достоинство и владеењето на правото се темелите врз кои една независна држава ја гради својата иднина.
Оние пред нас ни оставија независна држава. Ние сме должни да ја однесеме напред.
Честит Ден на независноста!

