Филипче: Нашата генерација има обврска децата да сакаат да живеат во Македонија

Филипче

Нашата генерација има обврска да се избори нашите деца да сакаат да живеат во својата држава и да се избори за Европска Македонија, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во честитката по повод 35 години независност.

Филипче потсетува дека македонската државност има континуитет од Илинден, преку АСНОМ, до референдумот од 8 Септември 1991 година, оценувајќи дека секоја генерација имала своја историска улога.

Според него, генерацијата од 1991 година се изборила за независна држава по мирен пат, а генерациите потоа ги оствариле стратешките цели како членството во НАТО и отворањето на европскиот пат.

„СДСМ е дел од тој државотворен континуитет“, наведува Филипче, додавајќи дека денес фокусот мора да биде иднината.

Тој посочува дека државата треба да создава услови родителите достоинствено да ги издржуваат семејствата, младите да создаваат домови, а работниците да живеат од својот труд.

„Да изградиме економски силна, европска држава, во која училиштата ќе се полнат со деца, наместо да се празнат, а младите своите соништа и својата иднина ќе ги гледаат тука, дома“, порача Филипче.

Како приоритети ги издвојува и функционалниот институционален систем и правда која еднакво ќе важи за сите.

„Тоа е нашата генерациска задача – да ја продолжиме македонската државотворна линија со заедништво, достоинство и јасна визија за иднината во Европа“, порача претседателот на СДСМ.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?