Сублимат на пораките за 8 Септември, единство во зборови, поделби во политиката

Сублимат на пораките за 8 Септември покажува дека на 35 годишнината од независноста, државниот врв и партиите од власта и опозицијата, од македонскиот и албанскиот политички блок, се обединија околу зборовите единство, Европа, правда и иднина за младите. Зад празничниот речник, сепак, останаа различни оценки за тоа каде се наоѓа Македонија и кој ја забавува нејзината иднина.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ја постави независноста врз три столба, доверба на граѓаните во државата и институциите, меѓусебна доверба без оглед на етничките и верските разлики и верба во македонската иднина. Во нејзината порака посебно место добија иселувањето на младите, борбата против криминалот и корупцијата и потребата од праведно општество со еднакви можности.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека националната амбиција во следните 35 години не треба да биде само државата да опстои, туку да успее. Тој повика Македонија да стане членка на Европската Унија, но без компромиси околу идентитетот, јазикот и културата, и говорот го заврши со порака дека граѓаните се премалку за да се делат.

Повикот за единство, сепак, беше проследен со остра пресметка со критичарите и политичките противници. Мицкоски зборуваше за „талог“, „тег што влече надолу“ и „фабрика за безнадежност“, со што празничниот говор од визија за заедничка иднина премина и во дневнополитичко разграничување.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, независноста ја претстави како процес што не завршува со прогласувањето на државата. Според него, државноста секојдневно се гради преку функционални институции, еднаквост, образование, економски развој и закони што важат за сите. Гаши порача дека никој не треба да се чувствува како странец во сопствената држава и дека различностите треба да бидат сила, а не причина за поделби.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја поврза независноста со историскиот континуитет од Илинден и АСНОМ до референдумот од 1991 година. Неговата главна порака беше дека сегашната генерација треба да изгради европска држава со функционален систем, еднаква правда и услови во кои младите ќе сакаат да останат.

Од албанскиот опозициски блок, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, предупреди дека државите не слабеат поради еднаквоста, туку кога граѓаните се чувствуваат исклучени. Тој се повика на Охридскиот рамковен договор, застапеноста и јазичните права и повика да се гради држава што обединува, наместо политики што разделуваат.

Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, побара промена на системот, а не само промена на партиите на власт. Нејзината порака беше дека државата мора да биде пред партијата, институциите пред функциите, а одговорноста пред изговорите.

Во честитките речиси сите ја споменаа европската иднина, силните институции и потребата младите да останат во земјата. Разликите се појавија во објаснувањето зошто тие цели сè уште не се исполнети, власта зборуваше за наследени проблеми, блокади и отпор кон промените, додека опозицијата посочи на партизација, исклученост и продолжување на старите практики.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?