СДСМ: „Талог“ кампањата на Мицкоски е по моделот на Ванчо Михајлов

СДСМ

Опозицискиот СДСМ го обвини премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека и на Денот на независноста продолжил со, како што ја нарекува партијата, „кампањата Талог“, наместо да испрати пораки за единство и почитување на државноста.

Од СДСМ велат дека, според нив, „нема ништо државничко кај Мицкоски“ и дека тој нема чувство за значењето на 8 Септември.

„Операцијата „Талог“ и сеењето омраза коешто Мицкоски го спроведува е класична фашистичка кампања по моделот на Ванчо Михајлов и најмрачните периоди од нашата историја“, стои во соопштението на СДСМ.

Опозициската партија ги наведува и неодамнешните случаи за кои тврди дека се дел од таквата политика – односот кон темата за мигрантите, инцидентот во Ново Село поврзан со транспарент за водата во Гостивар, како и повикувањето на советник од СДСМ во Кавадарци во полициска станица поради објава на „Фејсбук“ за незадоволството на лозарите.

Од СДСМ тврдат дека власта прибегнува кон поделби затоа што, според нив, нема резултати во клучните области.

„Оваа форма на кампања Мицкоски ја тера само затоа што нема ниту еден резултат зад себе, во ниту една област“, наведуваат од партијата, посочувајќи ги економијата, земјоделството, здравството, образованието и социјалната политика.

СДСМ во соопштението ја критикува и економската политика на Владата. Според опозициската партија, растот на трошоците за живот и ниските плати се доказ за влошување на стандардот на граѓаните, а дополнително се критикува и растот на јавниот долг.

Од партијата оценуваат и дека европскиот пат на земјата е „замрзнат“, а како политички проблем го посочуваат и односот кон личности и настани што, според нив, се спротивни на европските и демократските вредности.

Во соопштението СДСМ ја обвинува власта и за следење на политичкиот модел на српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Сè што се прави е копи-пејст рецепт од неговиот ментор Вучиќ“, велат од СДСМ.

Опозициската партија тврди и дека Мицкоски веќе изгубил повеќе од 150 илјади гласови и предвидува дополнително намалување на неговиот личен рејтинг.

Од СДСМ заклучуваат дека, според нив, „патриотските теми веќе не поминуваат“, а дека на Владата ѝ остануваат поделбите и политичката конфронтација како начин за мобилизација на поддршката.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?