Преспанското Езеро на 7 септември имало 53 сантиметри повисок водостој отколку на истиот датум минатата година, благодарение на исклучително влажната претходна сезона. Сепак, сушниот период годинава почнал дваесетина дена порано, а нивото на водата од крајот на мај веќе се намалило за 43 сантиметри, покажува анализата на Дејан Трајковски објавена во „Емитер“.
Сушната сезона започнала на 30 мај, кога водостојот достигнал кота од минус 562 сантиметри. Тоа било само два сантиметра под највисокото ниво измерено во 2024 година. Намалувањето од 43 сантиметри во следните три месеци засега се движи во границите на просечниот сезонски пад.
До почетокот на влажниот период, кој вообичаено настапува на почетокот на декември, се очекува нивото да се намали за дополнителни 20 до 25 сантиметри. Според процената, годишниот минимум би можел да се движи меѓу минус 620 и минус 630 сантиметри.
Нов вековен минимум годинава не се очекува, бидејќи обилните врнежи во претходната влажна сезона го подигнале езерото за 111 сантиметри. И УНДП забележува дека врнежите во текот на зимата и пролетта ги заситиле почвите и го зголемиле дотокот во Преспанското Езеро.
Подобрата моментална состојба, сепак, сè уште не значи пресврт на долгорочниот тренд. Во претходните две години биле регистрирани годишни намалувања од околу 50 до 55 сантиметри, додека повеќегодишниот просек изнесува околу 18 сантиметри.
Долгорочната слика останува загрижувачка. Според податоците на НАСА, пренесени од Ројтерс, езерото од 1984 до 2020 година загубило околу седум проценти од површината и речиси половина од волуменот. Во споредба со крајот на седумдесеттите години, нивото на водата е пониско за повеќе од осум метри.
За вистинско запирање на намалувањето би биле потребни неколку последователни влажни сезони со обилни врнежи. До почетокот на декември, вниманието повторно ќе биде насочено кон дождовите и дотокот на вода во езерото.

