Планините на Албанија за едно евро: Инвестиции или легализиран грабеж?

Албанија

Планините на Албанија, претставени од Владата како следната голема туристичка можност, станаа ново бојно поле меѓу инвеститорите и граѓанските движења. Законот познат како „Планински пакет“ овозможува државно земјиште во определени планински и рурални подрачја да се добие за симболично едно евро, додека противниците собираат потписи за негово укинување и предупредуваат дека малите сопственици може да останат само декор во голема инвестициска операција.

Албанската влада го претстави законот во 2025 година како алатка за оживување на подрачјата што со децении губат жители, работни места и економски чекор со градовите и крајбрежјето. Повикот беше особено насочен кон дијаспората, со порака Албанците од странство да се вратат и да инвестираат во земјата на своите предци.

Но токму механизмот што треба да ги привлече инвестициите го отвори најголемиот спор. Лица што фактички користат државно земјиште, но немаат сопственички лист, можат да добијат потврда од општината и да склучат договор за развој со државата за симболична цена од едно евро.

Тоа не значи дека секој може да купи планина за една монета. Потребни се одобрен проект, деловен план и средства за инвестицијата, која треба да биде завршена во рок од три години. Првите 500 одобрени субјекти може да добијат и десетгодишни даночни олеснувања.

Критичарите го гледаат проблемот токму во тие услови. Земјоделец или сточар што со години користи планинска парцела најчесто нема капитал, пристап до кредити и административен капацитет за голем туристички проект. Компаниите, пак, располагаат со пари, правни тимови и готови планови, па стравувањето е дека законот формално им се обраќа на локалните семејства, а практично им ја отвора вратата на големите инвеститори.

Постапката веќе не е само на хартија. Во февруари беа пријавени околу 200 барања, а во март надлежните зборуваа за околу 400 проекти со висока веројатност да бидат одобрени. Повеќе општини веќе утврдија приоритетни зони, додека владината цел е до крајот на 2026 година да има илјада успешни пријави.

Граѓанското движење „Албанија станува“ започна акција за собирање по 50.000 потписи за референдуми против „Планинскиот пакет“ и Законот за стратешки инвестиции. Претставниците на движењето тврдат дека двата закона создаваат услови националното богатство да премине под контрола на привилегирани инвеститори.

Паралелно се одвива и посебна иницијатива за референдум против измените на Законот за заштитени подрачја. Еколошката активистка Бесјана Гури и други иницијатори собираат потписи со барање граѓаните да одлучат дали во заштитените зони треба да се дозволуваат големи туристички и инфраструктурни проекти.

Овие иницијативи се надоврзаа на „Фламинго револуцијата“, протестно движење што започна поради планираниот луксузен туристички комплекс во близина на заштитеното подрачје Вјоса Нарта, поврзан со американскиот инвеститор Џаред Кушнер. По сто дена протести, демонстрациите во Тирана прераснаа во поширока пресметка со владата на Еди Рама, со барања за заштита на природата, проверка на сопственоста врз земјиштето и поголема политичка одговорност.

Спорот стигна и до Брисел. Еврокомесарката за проширување Марта Кос во јули изјави дека заштитата на животната средина е дел од условите за членство и дека Албанија треба да ги укине спорните измени од 2024 година и Законот за стратешки инвестиции. Рама возврати дека Законот за стратешки инвестиции ќе биде укинат, но дека Законот за заштитени подрачја ќе биде изменет и усогласен со европските стандарди.

Албанската расправа има препознатлив одек и во Македонија. По прогласувањето на Шар Планина за национален парк, не престануваат прашањата што смее да се гради во заштитеното подрачје, додека слични судири со години се водат околу Маврово и туристичкиот развој на Попова Шапка. И таму инвестициските ветувања за работни места се судираат со стравувањата дека заштитата на природата може да остане само формалност.

Додека иницијаторите ги собираат потребните потписи и го подготвуваат патот до изборната администрација и Уставниот суд, државните институции продолжуваат да ги обработуваат инвестициските барања, зона по зона и парцела по парцела.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?