Силно невреме во Словенија денес донесе поројни врнежи, силен ветер и грмежи, собори дрвја и предизвика проблеми во електричната и железничката мрежа. Најголеми последици се регистрирани во централниот дел на земјата, каде без струја останаа повеќе корисници, а возовите меѓу Литија и Трбовље беа запрени.
Според словенечките медиуми, екипите на електродистрибуцијата отстраниле поголем дел од дефектите предизвикани од невремето. На одделни локации продолжила работата за целосно нормализирање на снабдувањето.
Железничкиот сообраќај меѓу Литија и Трбовље бил прекинат откако дрвја паднале врз железничката инфраструктура. Словенечките железници организирале заменски автобуски превоз во двата правци, со постојки кај железничките станици во Литија, Сава, Загорје и Трбовље.
Од Словенечките железници предупредиле дека при заменскиот превоз се можни доцнења. Во автобусите не е дозволен превоз на велосипеди и животни, со исклучок на кучиња водичи, кучиња помошници и службени кучиња.
Словенечката агенција за животна средина предупреди дека во централна Словенија се можни нови локални невремиња со посилни поројни врнежи, удари на ветер и молњи. Поради обилниот дожд, нагло може да пораснат поројните водотеци, а постои и опасност од поплавување со атмосферска вода.

