На 16 септември 2026 година, во хотел „Панорамика“ во Скопје, ќе се одржи меѓународната научна конференција „When AI Betrays Law and Justice: Human Rights, Constitutionalism and Democratic Accountability in the Algorithmic Age“. Конференцијата ќе отвори дебата за тоа како забрзаниот развој на вештачката интелигенција влијае врз правото, човековите права, институциите и демократската одговорност.
Организатор на конференцијата е Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на истражувачкиот проект „Усогласување на македонскиот правен систем со законодавството на Европската Унија за вештачка интелигенција“, финансиран од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија.
Настанот ќе ги обедини меѓународните говорници, претставници на академската заедница, правни експерти и практичари во дискусија за влијанието на вештачката интелигенција врз човековите права, уставноста, владеењето на правото, регулацијата и демократската одговорност во алгоритамското доба.
Програмата ќе биде организирана во два дела. Првиот дел ќе опфати главни говорници и експертски панели за вештачката интелигенција, човековите права, уставноста, регулацијата и демократската одговорност. Вториот дел ќе биде посветен на вештачката интелигенција во Северна Македонија, со фокус на јавните перцепции, корпоративните практики и институционалната подготвеност.
Во рамки на програмата ќе бидат презентирани нови емпириски наоди од Северна Македонија, кои треба да поттикнат поширока стручна и јавна дебата за подготвеноста на државата, институциите, приватниот сектор и граѓаните за одговорна примена на вештачката интелигенција.
Меѓу меѓународните говорници се Јудит Варга, основачки покровител на Central European Academy при Универзитетот во Мишколц, Унгарија; Лаура Каск, извршна директорка на Proud Engineers, консултантска компанија за дигитализација од Естонија; Пол Немиц, поранешен главен советник за стратегии за дигитална транзиција во Европската комисија; и Макс Хубнер, визитинг професор по право на College of Europe во Германија и основач и извршен директор на The Change Lawyer од Холандија.
Во експертските панели ќе учествуваат проф. д-р Лазар Јовевски, проф. д-р Александар Спасов и проф. д-р Бобан Мисоски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, заедно со други професори и експерти кои ќе разговараат за правните и институционалните аспекти на вештачката интелигенција.
Во делот „AI in North Macedonia – Research Team & Expert Contributors“ ќе учествуваат проф. д-р Тања Каракамишева Јовановска, проф. д-р Христина Рунчева Тасев, проф. д-р Драган Гоцевски, доц. д-р Константин Битраков, асист. Катерина Жатева и проф. д-р Владимир Божиновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, како дел од истражувачкиот тим. Во дискусијата ќе се вклучат и експертски соработници, меѓу кои и Суад Сефери, претседател и основач на AI NOW Society, со осврт на подготвеноста за вештачка интелигенција во Западен Балкан и Северна Македонија.
Учеството на конференцијата е бесплатно, а бројот на места е ограничен. Заинтересираните учесници треба да се регистрираат најдоцна до 12 септември 2026 година.

