Во грчко списание е објавен расказ на Томислав Османли со уредувачка назнака – „Превод од македонски јазик“

Османли

Во „Трака“ („Θρακα“)  едно од најреномираните грчки книжевни списанија и книгоиздателства, деновиве беше објавен преводот на најновата прозна творба на нашиот писател Томислав Османли.

Станува збор за биографскиот расказ насловен „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“ во кој македонскиот прозаист испишува слоевит, носталгичен наратив врзан за една личност од неговото, како што  самиот автор истакнува, „прекугранично детство“. На тој начин, под уредничката назнака „Превод од македонски јазик“, „Трака“ го донесува баспрекорниот превод што го потпишува познатиот грчки писател и преведувач Сотирис Минас.

Својата творба Османли ја тематизира како „расказ од археологијата на сеќавањето“. Прозата „Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“, мотивирана од стара црно-бела фотографија што писателот случајно ќе ја пронајде на интернет, препознавајќи личност од детството, насловниот лик на својата проза. Низ живи слики извлечени од личните сеќавања, авторот ќе го проследи драматичниот живот не само на својот протагонист, неговото семејство, туку и социјалната слика на една малоградска средина, градот Воден во скорешно повоените, педесетти и шеесетти години на минатиот век, каде инаку што била направена спомнатата фотографија и каде што се одвива неговиот  наратив. Како впрочем и неговите други раскази на Османли и оваа опсежна прозна творба е особено, меланхолично интонирано сведоштво за вкупниот, поделен и неспокоен, во случајов конкретен, но и општ балкански хронотоп.

Прозата „КирАндонис од улицата Киутахѝас“ на Томислав Османли, најнапред беше објавена на македонски, на порталот за уметност и култура Окно.мк, но  нејзиниот автор во меѓувреме ја дополни со нови мотиви и сеќавања и ја испрати на својот грчки преведувач. Сотирис Минас расказот му го предложи на уредникот на списанието „Трака“, истакнатиот грчки поет од средната генерација, Танос Гогос кој, инаку, годинава беше присутен на најновото издание на Струшките вечери на поезијата. Неколку години порано, пак, овој грчки поет, токму Томислав Османли го беше приопштил на македонски јазик во тријазичната антологија (грчки-македонски-англиски) на современата грчка поезија. 

Инаку „Трака“ („Θρακα“)  е непрофитна организација основана во 2014 година со седиште во Лариса. Таа управува со истоимената издавачката куќа и книжевното списание што објавува содржини во електронска, а еднаш годишно се појавува и во печатена форма. Инаку организацијата „Трака“ од 2013 година го организира меѓународниот Пантесалиски фестивал на поезија, чиешто 14-то издание штотуку заврши, по речиси целомесечно траење. „Трака“ организира и други помали книжевни настани во градовите Лариса, Атина, Солун и Кардица, а покрај тоа, како партнер учествува и во меѓународната мрежа на книжевни резиденции именувана „Засолништето  на Одисеј“, како и во помали меѓународни програми на литературна размена.

Во најновата објава на книжевното списание, расказот “Кир-Андонис од улицата Киутахѝас“, заедно со нивните портрети, го проследуваат и творечките биографии на грчкиот преведувач и на македонскиот писател.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?