Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, со остар напад кон власта оцени дека ВМРО-ДПМНЕ создава поделба на граѓаните на „елита“ и „талог“, додека, како што тврди, зад таа реторика се кријат сериозни проблеми со задолжувањето, образованието, слободата на говорот и функционирањето на институциите.
Во реакцијата на социјалните мтрежи, Каранфилова-Пановска ги обвини власта и ВМРО-ДПМНЕ дека за повеќе од две години мандат ги зголемиле долговите на државата, додека граѓаните не почувствувале подобрување на животниот стандард.
„Организираната криминална група на власт се самопрогласи за ‘елита’, едновремено нарекувајќи ги ‘талог’ сите други“, вели таа, додавајќи дека меѓу тие граѓани се и оние кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ на изборите во 2024 година.
Каранфилова-Пановска тврди дека задолжувањето на државата се зголемило за околу четири милијарди евра и дека вкупниот долг достигнува околу 12 милијарди евра. Според неа, само за камати граѓаните годишно ќе плаќаат околу 350 милиони евра.
Таа воедно ја обвинува власта дека не ги прикажува целосно обврските на јавните претпријатија и дека со тоа се прикрива вистинската состојба со јавниот долг и буџетскиот дефицит.
„Не може владата да трупа долгови на грбот на граѓаните, а притоа освен енормно лично и партиско богатење на нивниот тесен криминално-‘елитен’ круг, никој друг да не добива ништо“, вели Каранфилова-Пановска.
Во реакцијата таа се осврнува и на состојбите во образованието, поврзувајќи ги со демографскиот пад и намалувањето на бројот на ученици.
Според податоците што ги наведува, учебната 2026/2027 година започнала со околу 3.000 првачиња помалку, 433 затворени паралелки и 26 затворени училишта. Таа го критикува и квалитетот на образованието, повикувајќи се на резултатите од ПИСА-тестирањето и тврдејќи дека голем дел од младите немаат функционална писменост.
Каранфилова-Пановска ја критикува и најавата за повлекување на програмата за сеопфатно сексуално образование, оценувајќи дека тоа претставува „ретрограден“ однос кон младите.
Според неа, наместо да се решаваат проблемите во образованието, власта реагирала на притисоците од делови од јавноста кои се противат на сексуалното образование.
Остри критики упатува и за состојбата со слободата на говорот. Каранфилова-Пановска тврди дека опозициските пратеници се цензурираат, а владини функционери користат навреди кон политичките противници и критичарите.
Таа го посочува и случајот со протестите во Гостивар по водната криза, при што тврди дека имало насилство врз млади луѓе кои протестирале поради сомнежите околу безбедноста на водата за пиење.
Каранфилова-Пановска ја обвини власта и за притисок врз опозициски функционери преку повикување во полиција поради објави на социјалните мрежи.
„Правдата е на повик од мобилниот на премиерот, институциите се на колена, граѓаните се осиромашени и угнетени, слободата ја нема, младите и децата ни исчезнуваат“, порача таа.
На крајот од реакцијата, заменик-претседателката на СДСМ предупредува дека незадоволството кај граѓаните расте и користи остар политички речник за да го опише односот меѓу власта и оние кои ја критикуваат.
„Нема да ви помине! Ќе одговарате! ‘Талогот’ ќе дојде по своето!“, порача Каранфилова-Пановска.

