АЗНО – културен и креативен центар за поврзување на културното наследството со новите генерации

АЗНО

По одредена пауза, Здружението АЗНО повторно се активира, овојпат со надграден концепт, нови идеи, стручни соработници и партнерства со институции од културниот сектор.

Првите чекори се направени преку различни креативни и едукативни активности – работилници за редизајн на облека, рачна изработка на хартија, проект посветен на Скопска Црна Гора, како и преку соработки со Центарот за лица со Даунов синдром и ЗОО Скопје. 

Овие искуства беа важна основа за понатамошниот развој на АЗНО и за создавање концепт кој културните содржини ги приближува до младите преку истражување, креативна работа, практично искуство и сопствено творештво.

Концептот не е замислен како уште една серија класични работилници. Станува збор за програмски концепт во кој културното наследство е почетна точка за учење, истражување и создавање. 

Во време на забрзано живеење, дигитализација и сè поголема присутност на вештачката интелигенција, кога вниманието, концентрацијата и трпението за подлабоко размислување стануваат сè поголем предизвик, АЗНО сака да создаде простор за љубопитност, истражување, активно размислување и сопствено креирање.

Сакаме децата и младите не само да консумираат содржини, туку да поставуваат прашања, да истражуваат, да се инспирираат да создаваат со свои раце,да развиваат свои идеи и креативност. 

Археологијата, историјата на уметноста, архитектурата, традиционалните техники, книжевното и писменото наследство, книгата, илустрацијата и дизајнот се дел од широкото поле на интерес на АЗНО.

 Книгата– како носител на знаење, културна меморија и уметнички израз, но и како предмет кој низ својата форма, хартија, типографија, илустрација и дизајн сведочи за времето во кое настанал.

Преку старите и ретки книги, ракописи, илустрации,  фотографии и другите материјални траги на минатото, младите ќе имаат можност да откриваат различни аспекти на културното наследство и да ги поврзуваат со современи форми на изразување.

Во овој контекст, љубовта кон книгата и читањето е важен дел од концептот на АЗНО. Приказните се почеток на имагинацијата, а книгата простор во кој се среќаваат зборот, сликата и идејата. Затоа во програмите свое место имаат и писателот, библиотекарот и илустраторот-  професии кои на различен начин придонесуваат една приказна да стане целосно книжевно и визуелно дело.

Преку соработката со Националниот археолошки музеј,  дел од работилниците ќе се реализираат во музејскиот простор кој сам по себе е исклучително инспиративен, артефактите  и приказните што ги носат ќе бидат основа за учење, истражување , инспирација и креативна интерпретација.

АЗНО го развива својот концепт во соработка со стручни едукатори од различни области – историја на уметност, образование, книжевност, илустрација , дизајн, инклузија – со цел содржините да бидат стручни, современи и прилагодени на возраста и интересите на младите.

Во таа насока веќе се воспоставени партнерства со Националниот археолошки музеј и Градската библиотека „Браќа Миладиновци” – Скопје, со желба нивното знаење, богатите фондови и професионалните ресурси да станат дел од нови образовни и креативни искуства.

Важен сегмент на АЗНО е и инклузивноста. Претходното искуство и соработка со Центарот за лица со Даунов синдром покажа колку е значајно културните и едукативните содржини да бидат отворени и достапни за сите. Во таа насока, во тимот на АЗНО е вклучен и едукатор-толкувач на знаковен јазик.

Нашата цел е културното наследство да не биде присутно само како информација за минатото, туку како жива содржина која може да поттикне љубопитност, размислување, имагинација и креативност.

Младите да имаат можност да го запознаат она што им претходело, да го разберат неговото значење и да најдат сопствен начин да го интерпретираат.

Во рамките на програмите, учесниците ќе имаат можност самите да создаваат свои книги, да пишуваат раскази, песни, да создаваат илустрации, дизајни, да научат традиционални занаети, да креираат сувенири, инспирирани од темите кои ќе ги истражуваат. 

АЗНО сака да создава простор во кој знаењето се стекнува преку искуство, во кој книгата поттикнува љубопитност, а културното наследство станува извор на нови идеи и современо творештво.

Пред АЗНО е и следната фаза од развојот – создавање сопствен донаторски фонд, преку кој ќе можеме да поддржуваме нови идеи, автори и креативни проекти наменети за деца и млади.

Нашата желба е АЗНО да расте преку долгорочни партнерства со културни и образовни институции, музеи, библиотеки, организации, здруженија, компании и поединци кои ја препознаваат важноста на вложувањето во културата, креативноста и младите.

Веруваме дека само преку поврзување и заедничко создавање можат да настанат проекти кои ќе имаат трајна вредност – проекти што ќе ги поврзат минатото и сегашноста, ќе отворат простор за нови автори и идеи и ќе остават нешто вредно за генерациите што доаѓаат.

Нашата долгорочна желба е АЗНО да прерасне во отворена платформа за култура, знаење и креативност – место каде што ќе се среќаваат наследството, современото творештво и младите.

„Наследството како инспирација. Знаењето како искуство. Креативноста како продолжение на традицијата“, се принципите на кои се спроведуваат активностите на АЗНО, вела од здужението.    

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?