Петнаесетгодишно момче преживеало речиси три дена држејќи се за превртен чамец во Беринговото Море, додека неговиот брат и братучед починале. Тој бил спасен од екипажот на рибарски брод во близина на островот Свети Лоренс, кој припаѓа на Алјаска и се наоѓа во Беринговото Море, недалеку од рускиот брег, пишува АП.
Тројца млади мажи тргнале со брод во петокот од островот Свети Лоренс, и требало да се вратат до недела наутро. Кога не се појавиле, семејството ги пријавило како исчезнати во недела навечер. Американската крајбрежна стража започнала потрага со авиони и хеликоптери следниот ден. Момчето на крајот било пронајдено од екипажот на рибарскиот брод „Нортвест Експлорер“ додека сè уште бил на превртениот чамец. Властите не ги објавиле имињата на тројцата млади мажи.
Еден од воздушните екипажи го забележал преживеаното момче на трупот на превртениот чамец во понеделник. Му спуштиле сплав за спасување и залихи, а потоа контактирале со рибарскиот брод „Нортвест Експлорер“ кој се наоѓал во близина. Видеото од спасувањето го прикажува екипажот како фрла јаже кон момчето и го влече неговиот чамец сè додека не успеале да го подигнат на безбедно место.
„Неверојатно жилаво момче“
„Се држеше за тој чамец речиси три дена. Тој е неверојатно жилав човек“, изјави капетанот на рибарскиот брод Адам Вајт за локалната телевизиска станица KTUU. Според извештајот на крајбрежната стража, по пристигнувањето на бродот момчето покажало знаци на хипотермија, а екипажот го стоплил со ќебиња и шишиња со топла вода.
The captain of a research and fishing vessel off Alaska's western coast recounts the rescue of a 15-year-old boy who was stranded on the top of his overturned vessel, having waited for days after an incident that left his brother and cousin dead. 👉 https://t.co/XNvVVy8NNy pic.twitter.com/RUfHiIuLvP
— Alaska's News Source (@AKNewsNow) September 10, 2026
„Иако се тресеше од студ, успеа да види дека неговиот брат е сè уште под чамецот“, рече Вајт. „Ноќта пред да пристигнеме, неговиот братучед едноставно се лизна во морето“, додаде Вајт. Откако момчето беше спасено, беа пронајдени телата на неговиот брат и братучед.

