СДСМ: Мицкоски ќе го намали ДДВ-то на горивата откако цените веќе го удрија плафонот

СДСМ

СДСМ ја оцени како задоцнета најавата за намалување на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, со која Владата очекува да се намалат цените на дизелот и другите горива.

Од опозициската партија велат дека ваквата мерка требало да биде донесена уште на почетокот на енергетската криза, кога СДСМ предложил ДДВ-то за горивата да се намали на пет проценти, да се укине акцизата и ДДВ-то за основните прехранбени производи да се намали на нула проценти.

„Сега, кога штетата е направена, излегуваат со половична мерка и бараат аплауз“, соопшти СДСМ, оценувајќи дека Владата предоцна реагира на растот на цените.

Од партијата се повикуваат и на оценката на премиерот Христијан Мицкоски дека актуелната цена на горивата „во суштина не е ниска“, но дека е пониска во споредба со некои соседни земји.

Според СДСМ, споредувањето со цените во соседството не е доволно, бидејќи повисоките цени на горивата директно влијаат врз трошоците за транспорт, производството и цените на стоките.

„Горивото не е луксуз. Горивото е превоз до работа, леб до продавница, стока до пазар, плата што се топи пред да стигне дома“, наведуваат од опозициската партија.

СДСМ оценува дека намалувањето на ДДВ-то од 18 на 10 проценти, доколку биде реализирано, може да има позитивен ефект врз цените, но дека мерката доаѓа по период во кој, според партијата, Владата не презела доволно навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните.

Од опозицијата реагираат и на најавата дека намалувањето на данокот ќе има импликации врз буџетските приходи. СДСМ тврди дека Владата морала порано да ги насочи буџетските средства кон мерки за ублажување на ценовниот удар, наместо, како што обвинуваат, кон други расходи што ги оценуваат како непотребни или спорни.

„Намалување од 18 на 10, по месеци тивко гледање, не е политика. Тоа е признание дека доцнат“, се наведува во соопштението.

Од СДСМ додаваат дека дополнително намалување на цените на горивата е важно и поради индиректното влијание врз останатите цени, бидејќи поскапото гориво ги зголемува транспортните и производствените трошоци.

Најавата за промена на даночната политика доаѓа во услови на зголемена загриженост на европските и светските пазари поради растот на цената на нафтата и нарушувањата во снабдувањето.

Владата засега не ги коментира оценките на СДСМ за тоа дали мерката е задоцнета, а аргументот на власта е дека намалувањето на ДДВ-то треба да придонесе за пониски цени на горивата и ублажување на ударот врз граѓаните и економијата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?