Дваесет и седумгодишен жител на Кавадарци бил приведен рано утрово откако агресивно се однесувал во казино, а потоа не ги почитувал наредбите на полициските службеници и ги навредувал, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според полицискиот билтен, настанот се случил во 04:30 часот во Кавадарци, кога полициски службеници од ОВР Кавадарци го привеле П.М. (27). Претходно било пријавено дека тој агресивно се однесувал во казино, по што обезбедувањето го изнело од објектот.
По пристигнувањето на полицијата, 27-годишникот не ги почитувал наредбите на полициските службеници кои преземале службени дејствија и ги навредувал.
При извршените проверки било утврдено дека бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 2,42 промили алкохол во крвта.
П.М. бил задржан во полициска станица. Од МВР информираат дека по целосното документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

