Три случаи на семејно насилство во Тетово и Јегуновце, приведени три лица

семејно насилство

Три случаи поврзани со семејно насилство се евидентирани во полицискиот билтен на 12 септември во Тетово и Јегуновце. Во сите три случаи полицијата лишила од слобода лица по пријави од членови на нивните семејства.

Во Јегуновце, 59-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг, исто така на 59-годишна возраст, во утринските часови во семејниот дом агресивно се однесувал и вербално ја навредувал. Според МВР, тој бил во алкохолизирана состојба, а при алкотестирањето му биле измерени 0,87 промили алкохол во крвта.

Полициски службеници од Полициското одделение Јегуновце го лишиле од слобода во 08:30 часот и го задржале во Полициската станица Тетово за целосно расчистување и документирање на случајот. Од МВР најавуваат дека по завршувањето на постапката ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Во Тетово, пак, полицијата лишила од слобода 48-годишен маж поради основано сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство, предвидено во член 130 од Кривичниот законик.

Случајот го пријавила неговата 41-годишна сопруга, која навела дека на 4 септември, по претходна вербална расправија во нивниот дом, тој физички ја нападнал. Полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода во 15:30 часот на улицата „Борче Кочовски“. По целосното документирање на случајот, од МВР најавуваат соодветен поднесок.

Третиот случај е регистриран исто така во Тетово, на улицата „Ленин“. Полициски службеници од СВР Тетово во 21 часот го лишиле од слобода 43-годишен маж, откако неговиот 67-годишен татко пријавил дека синот во семејниот дом агресивно се однесувал, го навредувал и му упатувал закани по претходна вербална расправија.

При алкотестирањето кај 43-годишникот било утврдено присуство на 1,05 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка.

МВР информира дека случаите се расчистуваат и документираат, по што за стореното ќе следуваат соодветни поднесоци.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?