Девет земји од ЕУ, вклучително и Грција, наводно го одложиле целосното спроведување на системот на Европската унија за влез/излез (EES), барајќи повеќе време за да се осигури дека новите гранични контроли ќе можат да функционираат без да предизвикаат застој на прометните аеродроми, објави „Катимерини“, повикиувајќи се на британски „Сандеј Тајмс“.
Системот бара од државјаните на земји надвор од ЕУ кои патуваат во Шенген-зоната да дадат отпечатоци од прсти и скенирање на лицето при влез или излез од блокот.
На Франција, Белгија, Холандија, Германија, Грција, Малта, Португалија, Италија и Швајцарија наводно им било дозволено да ги одложат проверките за да се помогне во „одржувањето на текот на сообраќајот на границите“, објави лондонскиот весник „Сандеј тајмс“, наведувајќи ги како причини редиците на границите и техничките проблеми со системот.
Ова лето дојде до застој на некои грчки аеродроми и се создадоа долги колони на северните граници на Грција со Албанија, Северна Македонија, Бугарија и Турција, додека надлежните се обидуваа да го спроведат новиот систем.
Воведувањето на EES започна постепено во октомври минатата година и првично се очекуваше системот целосно да профункционира до април. Подоцна, на земјите им беше доделен преоден период од 150 дена, во текот на кој можеа да ги суспендираат проверките во периоди на голем сообраќај во текот на летото за да се спречат нарушувања.
Тој период истече на 6 септември, но деветте земји наводно ја известиле Европската комисија дека нема целосно да ги спроведат новите контроли сè додека потребната технологија и системите не почнат правилно да функционираат.
Според „Сандеј тајмс“, Брисел неофицијално се согласил со одложувањето. Европската комисија одби да го коментира случајот.

