Изложбата „Скопски стрипосестри 2026“ беше свечено отворена во галеријата „КО-РА“ во Скопје на 14 септември 2026 година со почеток во 19 часот. Проектот е организиран од ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ и Здружението „Стрип центар – Стрипот може“ од Велес
На настанот свои дела претставија визуелните и мултидисциплинарните авторки: Дона да Видра, Евгенија Трајковска и Ангела Петрушевска. Тим лидер е Томе Трајков, а куратор Иван Станчевски.
Како што истакнува Томе Трајков, којшто е и претседател на Здружението „СТРИПОТ МОЖЕ“ поставката понуди увид во визуелното раскажување и развојот на стрип-културата кај нас.
Ако пред околу 3 децении се зборуваше дека во списанието Лифт имало објавено кратки стрипови од две стрип авторки, кои се појавуваа под псевдоними Псило и Вентолина, едната цртач, а другата сценарист, тогаш веќе во 2010 година се јавува ликовниот уметник Иванка Апостолова, единствената авторка од Македонија, вклучена, во регионалниот проект „АНТОЛОГИЈА НА ЖЕНСКИОТ СТРИП“ на уредничката и авторка Ирена Јукиќ Прањиќ.
„А сега секој којшто ја следи балканската стрип сцена и стрип фестивали лесно ќе забележи дека панел дискусиите на тема „ЖЕНСКИОТ СТРИП“ прераснаа се тренд, престиж и контрапрестиж. Со други зборови станаа натпревар помеѓу самите фестивали. Се формираат посебни здруженија и мрежи на женски стрип, како на пример СТРИПОТЕТКИ и слично.
„Како и да е женскиот стрип треба да се перцепира исклучиво во склоп на развојот и афирмацијата на сеопштиот македонски стрип, во и вон Македонија. Дури постои мислење дека кај жените авторки е понагласена трпеливоста во самиот процес на подготвување на едно стрип дело“, оценува Трајков.

