Предлог-законите за геологија и рударство добиле позитивна оценка од независна експертска ревизија, а од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавуваат законска рамка што треба да овозможи инвестиции и развој, но и поголема заштита на животната средина и локалните заедници.
Резултатите од ревизијата беа презентирани денеска во Министерството, во присуство на министерката Сања Божиновска, претставници на институциите и експерти вклучени во анализата.
Според Министерството, ревизијата покажала дека предложените решенија се современи, сеопфатни и во значителна мера усогласени со европските стандарди и меѓународните практики.
Анализата ја изработиле проф. д-р Вјечеслав Боханек и Кристи Дизни Брукнер, во соработка со граѓанската организација „Нов Трет Пат“, а во процесот биле вклучени и претставници на Министерството, Геолошкиот завод и Државниот инспекторат за енергетика и минерални суровини.
Во рамки на ревизијата била направена и споредбена анализа со законодавствата на Австрија, Германија, Полска, Чешка, Финска и Хрватска. Според Министерството, предложениот македонски модел е во согласност со релевантните европски практики.
Посебен акцент е ставен на критичните и стратешките минерални суровини, управувањето со геолошките податоци, заштитата на животната средина, одржливото користење на природните ресурси и управувањето со рударскиот отпад и затворањето на рудниците.
„Сакаме да донесеме закон кој ќе биде функционален, применлив и современ, закон кој ќе создаде јасни правила и правна сигурност, ќе овозможи развој на рударскиот сектор и одговорни инвестиции, но истовремено ќе гарантира дека јавниот интерес, граѓаните, животната средина и локалните заедници нема да бидат ставени во втор план“, изјави Божиновска.
Таа оцени дека Македонија има потенцијал за развој на рударството, но дека идните инвестиции треба да се темелат на високи стандарди, транспарентни постапки и одговорно управување со природните ресурси.
„Рударството треба да биде двигател на економскиот развој, но придобивките од инвестициите мора да бидат пошироки – за државата, економијата, локалната самоуправа и пред сè за граѓаните“, рече Божиновска.
Од Министерството посочуваат дека целта е да се воспостават предвидливи правила за инвеститорите, јасни институционални надлежности, транспарентни процедури и поголема вклученост на локалните заедници.
Предлог-законите сè уште се во процес на финализирање, а од Министерството најавуваат дека конечните решенија треба да бидат усогласени со европските стандарди и насочени кон одржлив развој на рударскиот сектор и заштита на јавниот интерес.

