СДСМ оцени дека отворањето предмет од Државната комисија за спречување на корупцијата за можен судир на интереси кај едно лице не претставува целосна истрага за трошењето на 5,5 милиони евра за прославата на независноста и побара Јавното обвинителство да го испита целиот тек на парите.
Од партијата наведуваат дека можниот судир на интереси поврзан со член на комисијата кој истовремено бил ангажиран и како изведувач е само еден сегмент од случајот.
„За целиот скандал потребна е истрага од Обвинителството по трагот на парите“, соопшти СДСМ.
Партијата бара да се обезбедат договорите, анексите, фактурите и податоците за исплатите, како и да се утврди дали биле платени сите даночни обврски. Од СДСМ поставуваат и прашање за одлуката со која биле одобрени повеќе од 300 милиони денари од Државната лотарија и кој орган ја донел.
Дополнително, СДСМ бара да се утврди колку чинел настапот на Дејвид Гета, кога бил договорен и исплатен, како и колкава сума заработиле компаниите ангажирани за организацијата на прославата.
Од партијата прашуваат и како биле вршени исплатите во период кога, според нивните тврдења, една од компаниите имала блокирана сметка, како и каде завршиле приближно 1,75 милиони денари од продадените билети.
СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори предмет и да го испита начинот на носење на одлуките и движењето на средствата, тврдејќи дека предметот што го отвори ДКСК не ги опфаќа сите прашања поврзани со финансирањето на прославата.

